Швајцарската полиција ќе прислушува

Швајцарците на референдум одобрија прислушување на разговори и надзор на електронската пошта ако за тоа постои одобрување од Сојузниот суд или од Министерството за одбрана.

Дури две третини од излезените на гласање, или 65.5 отсто, се согласиле разузнавачките служби да добијат неспоредливо поголеми овластувања отколку што имаа до сега. Противниците, меѓутоа, изразиле сомнеж дека ова би можело да ја загрози традиционалната швајцарска неутралност на која се горди нејзините граѓани и која сакаат да ја одржат.

Швајцарија беше една од ретките земји во која прислушувањето на телефонските разговори и следењето на електронската пошта беа забранети без оглед на околностите. Владата водеше долга и напорна кампања со која успеа да ги убеди граѓаните дека целта на новиот закон не е да се соберат неограничено голем број податоци, како што, на пример, тоа го прави американската Национална безбедносна агенција, туку да им се овозможи на разузнавачките служби непречено да си ја вршат работата.

Со оваа одлука на Федералната служба и се даваат одврзани раце да ги прислушуваат телефоните, да „копа“ по меиловите и да ги следи интернет активностите на некои луѓе и компании со цел да откријат хакери, шпиони и терористи. Службата, исто така, со дозвола на судот или министерството, да користат скриени камери и микродиктафони за надзор на сомнителни лица.

– Новиот закон ќе ја извлече Швајцарија од подрум на приземје, таму каде што се наоѓаат меѓународни стандарди. Истовремено, ќе останеме далеку од разузнавачките служби кои ги надгледуваат и ги држат под строга контрола своите граѓани, рече Гај Пармелин, министер за одбрана.

Патот што го мина владиниот предлог беше долг и трновит. Иако законот беше усвоен лани, опозицијата предводена од социјалистите и Зелените успеа да го сруши, по што беа собрани 50 илјади потписи кои овој предлог го доведоа на референдум.

Во земјата на сирењето, чоколадите и часовниците референдумот е исклучително честа и редовна процедура. Речиси секој месец Швајцарците со општо гласање се изјаснуваат за најразлични предлози на својата влада, извесни здруженија и групи граѓани.

prisluskivanje-3

Ретка примена

Владата во Берн истакнува дека новостекнатата можност ќе ја применува во крајно рестриктивни случаи. Се претпоставува дека тоа нема да биде повеќе од десет пати годишно. Темата е многу чуствителна со оглед на тоа дека сеуште е свежо сеќавањето на скандалот од 1989 година кога протече информацијата дека владата води прецизни досиеа за близу еден милион свои граѓани.