Што знае ВМРО што се 150, а што 150 милиони евра

од Емилија Лазаревска

ВМРО ДПМНЕ вчера го напиша најнеиздржаното, најдрското, најнеубидливото соопштение откако оваа партија е на власт.

Бидејќи ова не е само едно обично соопштение, туку матрица која го разголува десетгодишното владеење на ВМРО ДПМНЕ , стил на живеење на нејзините  функционери, однос кон јавноста, заслужува поголемо внимание и анализа.

,,СДСМ е инфериорен кога станува збор за соочување со вистинските проблеми и грижи на граѓаните” е првата реченица со која се започнува соопштението, што веднаш јасно покажува дека партијата нема намера да прифати одговорност, да побара оставка од нејзиниот функционер , да побара казна за него и да и се извини на македонската јавност за неговата аздисаност, неморалност и злоупотреба на државни ресурси во приватни цели и злоупотреба на службена положба.

Со следната реченица ,,СДСМ нема што да им понуди на граѓаните”- ВМРО ДПМНЕ се обидува да продолжи да замајува со старата мантра дека СДСМ нема програма, но притоа, веројатно  несвесно, бранејќи го Диме Спасов, ни нудат разузданост, злоупотреба на државни пари и ресурси, непочитување на закони и сообраќајни правила и прописи, возење во алкохолозирина состојба, загрозување на општа безбедност, непочитување на државни институции, во случајот полицијата и најпосле – недопирливост.

,,Затоа, централна тема на СДСМ 40 дена пред избори е сообраќајна незгода со материјална штета од 150 евра”- е реченицата која никако не смееше да и се случи на оваа партија-држава, која до неодамна беше неприкосновена на овие простори, па и пошироко, во спинување, пропаганда, извртување на работите, замајување на јавноста, оцрнување на политичките противници и на сите што не и се по ќеиф, терање на водата на своја воденица во секоја можна прилика и ситуација.

Со оваа реченица ВМРО ДПМНЕ го признава целиот инцидент што го направи Диме Спасов, кој е се, само не обична сообраќајна несреќа.  Истовремено ги пушта низ вода сите конструкции што ги направи изминатите два дена преку пропагандистичките текстови на ним блиските портали и медиуми.

ВМРО ДПМНЕ треба да објасни зошто таму некои осудени криминалци, со дебело криминално досие, го бркале Диме низ скопските улици и зошто ова веднаш не го кажаа туку два дена по скандалот што го направи Диме.

ВМРО ДПМНЕ треба да објасни што барал Диме Спасов доцна навечер во петок низ скопските улици со возило-џип на Агенција за вработување и зошто и избегал на полицијата која го легитимирала по втората предизвикана сообраќајка на улица Алжирска.

ВМРО ДПМНЕ треба да одговори кои се демохристијанските вредности на партијата и зошто нејзините функционери ги користат своите позиции за заведување, вработувања, делење на функции и работни позиции заради личен интерес и корист и задоволување на сопственото его и желби.

ВМРО ДПМНЕ треба да им објасни барем на половина од македонските граѓани кои едвај го крпат месецот, зошто 150 евра не се пари и зошто се обидува на ваков потценувачки начин да се однесува кон направена материјална штета во тежок инцидент за кој се заработува и кривична пријава, кога во Македонија за 150 украдени ќебапчиња кои чинат 1500 денари се лежи три години затвор.

ВМРО ДПМНЕ треба да објасни зошто брани лице кое ја загрозило безбедноста на околината и каква порака им праќа на останатите возачи и учесници во сообраќајот, посебно на младите.

Диме Спасов сам ја призна својата вина уште истата ноќ кога го направи скандалот. Тој ја остави својата сопатничка на местото на втората сообраќајна несреќа и избега. Тој се криеше до наредниот ден, кога наводно сам решил да дојде и да даде исказ во полициска станица. Тој бегаше за да не подлежи на алхо тест, затоа што најверојатно бил во алкохолизирана состојба. На овој начин тој прекршил повеќе законски прописи.

Сеирџиите му забележуваат на Диме каков маж бил кога можел да ја остави сопатничката и да избега. Но, ВМРО ДПМНЕ заборава дека токму таа веројатно на полицијата веќе им ја раскажала вистинската верзија  на случката уште на местото на настанот. Со другите последици од ноќната дружба со сопатничката, Диме сам нека се справува.

За двојниот морал на повеќе функционери, впрочем можевме да се увериме од она што го слушнавме во Бомбите. А што ли се не сме чуле…

Диме Спасов веќе нема углед, како и многумина од раководството на партијата на која припаѓа. И за тоа не му се виновни таму некои опоцизиски портали како што обвини во својата прва реакција на ФБ профилот што други му го уредуваат. И не се заканувајте веќе со тужби, никој не ви се плаши.

,,Јавноста гледа дека Фабриката за афери на СДСМ повторно работи во три смени” , напиша некој таму во ВМРО ДПМНЕ и остана жив. Некому очигледно фабриката му оставила длабоки траги во сеќавањето.

Ова не смее да помине туку – така. На потег се и министрите во владата во чии ресори се полугите за решавање на овој инцидент без преседан. Јавноста очекува да види дали МВР ќе поднесе соодветни пријави за стореното дело од Диме Спасов, а Министертвото за труд и социјала ќе побара негова одговорност и ќе го разреши.

Емилија Лазаревска