Штрајк заради намалени плати во туланата 8-ми Ноември од Неготино

Тулата се продава, а платите се намалуваат во Фабриката 8 ми Ноември во Неготино. Прифаќањето на планот за реорганизација на фабриката  која една година беше во активен стечај, по одлуката ѓто беше донесена од страна на Собранието на доверители, се чини дека не донесе ништо добро за стотината вработени во фабриката. Од пред извесен период тие се соочуват со вистински проблем, револт и нервоза откако усно им било соопштено дека платата која ја добиваат за месец ноември е за 30 % пониска од претходната.
-„За да се одлучат на ваков чекор,ние вработените треба да бидеме писмено известени за тоа согласно законот, ни ја дадоа платата за ноември намалена за триесет отсто, требаше да земам 18 илјади денари ми дадоа 13 илјади. Според одговорните не се работело рентабилно, немало приходи, имало многу долгови. Се прашувам како може да ни го кажуваат тоа кога дневното производство е околу 15 илјади парчиња тули, а и секојдневно од дворот на фабриката излегуваат од 7 до 8 шлепери натоварени со стока од цигланата“, вели вработен.
Според работниците, не е возможно една фирма да работи нерентабилно кога процесот на прозиводство се одвива нормално, се произведува вообичаено, а испораката на готовите производи е секојдневна. За нив најдобро решение се протести во фабриката и барање на своето.
– „Писмено се обративме до раководството со барање да ни ја вратат платата на старо, а што се случи-и за декември платата ни ја намалија од тие 70 плус уште за 30 %, намален ни е бодот од 6,80 на 4,80 , не ни е платена работата во празници, ништо не добиваме ниту за прекувремена работа. Сега за јануари ни рекоа да работиме за 70 посто ,кој сака нека остане да работи, а кој не нека оди под завод. За да не дојде до тоа, на 4 јануари пријавивме штрајк во полиција, го известивме раковододството писмено да ни се врати платата по старо и да продолжиме да работиме. За ова, им дадовме рок од седум дена, вчера ни одговорија негативно за тоа, дека не ги прифаќат тие услови и не го признават штрајкот“, раскажува друг вработен.
Денеска повторно од страна на раководството им било соопштено дека штрајкот им е невалиден и дека одлучиле работниците да бидат под завод до месец април, на што тие бурно реагирале и рекле дека нема да се согласат со таквата одлука. Од месец мај , 8 доверители на неготинската фабрика за тули нивните побарувања ги трансформираа во траен влог во ново друштво кое го носи името „8 Ноември“ ДОО Неготино.Тогаш на големи врати беше најавувано дека според планот е предвидено во неготинската фабрика да се вработат 110 лица, дотогаш работно биле ангажирани 97, а беше најавено и инсталирање на нова опрема за изработка на градежни материјали. 

Според стечајниот управник Димитар Аџиев во фабриката имаат план за реорганизација и се придржуваат според истиот, додека овој месец е ремонтот на цигланата.
– Со писмо управителот на друштвото го предупредив да се придржува кон ваквиот план за реорганизација, а доколку не се придржува, стечајната постапка се преотвoра. Јас сум во постојана комуникација со назначениот управител и Одборот на доверители и имам законско овластување за следење на реализацијата на понудениот бизнис план после стечајната постапка”, посочи за Ако.мк Димитар Аџиев.

 Според работниците,фабриката во минатото важела за еден од најголемите производители на тули во Македонија,се работело профитабилно, а нивните производи биле барани на пазарот, но недомаќинското работење придонело за ваквите состојби.

Билјана Н.Тошевски