Ѓорчев:Мандатот му припаѓа на Груевски, честитајте му

Крајно време е ДИК да излезе со конечните резултати и да ја соопшти распределбата на мандатите, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција. Тој рече дека на најважниот ден, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на пладне си отишол да спие до 19 часот. Дали отишол да спие или отишол некаде на консултации, праша Ѓорчев, забележувајќи дека однесувањето на Чичаковски е индикативно.

-Згрижени сме зошто претседателот  на ДИК, Чичаковски, денеска во 12 часот си заминал од ДИК со објаснување дека мора да оди да спие. Го немало од 12 до 19 часот на денот кој е најважен кога треба си ја заврши работата. Улогата на ДИК е еднаш во 4 или 2 години да спроведе во избори. На најважниот ден претседателот на ДИК решил да замине со изговор дека ќе спие од пладне до 7 навечер. Да каже дали во меѓувреме навистина спиел или отишол на консултации за менување на волјата на народот. Дури 7 часа да си заминат од местото каде што треба да ја констатира волјата е навистина индикативно, рече Ѓорчев.

Во многу поголеми држави со многу повеќе жители 19, 20,  80 милиони жители 300 милиони, рече Ѓорчев,  за резултати кои биле потесни за неколку илјади гласа Државната изборна комисија на тие земји за неколку часа ги објавуваат резултатите и по неколку часа, а оној кој загубил се јавува на оној кој победил да честита.

-Цел ден ниту имаме честитка од СДСМ ниту констатирање на очигледна разлика и поголемиот број на мандати. Мапата на Македонија на страната на ДИК е обоена во црвено, на мапата е ВМРО и Коалицијата има победа во повеќе од 50 општини а СДСМ најмногу во 10 општини. Апелираме да се почитува волјата на граѓаните. Македонија вчера гласаше, констатирајте го тоа, објавете ги мандатите  и немој да  помислите да ја фалсификуваат волјата на избирачите. Затоа што Македонија гласаше имавме фер и регуларни избори. Набљудувачите велат дека изборите поминаа во најдобар ред и време е да се честита на победникот, рече Ѓорчев.

Додаде дека на сајтот на ДИК стои дека  ВМРО-ДПМНЕ има освоено 453 000 гласови, а СДСМ 436 000, тоа е разлика од 17 000. А со гласовите од дијаспората тоа се повеќе од 20 000 гласови.

Резултатот, додаде Ѓорчев е 6:1 во општини за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, односно 50:10 во општини.

-Мандатот му припаѓа на Никола Груевски, СДСМ треба да ни ја честита победата. Македонија треба да излезе од кризата, да се верифицираат мандатите, да се состави влада, да се посветиме на Македонија, економија, граѓаните, евроатланската интеграција. Граѓаните очекуваат проекти, а не сплетки, рече Ѓорчев.