Ѓурѓај: Бугарија спроведува неприфатлива регрутација на ,,Бугари„ меѓу Македонците во Мала Преспа

Во Албанија и натаму ќе живеат само Македонци, а фактот што нема Бугари може да се смени само со продолжување на праксата за купување на „Бугари“, реагираат Македонците во Албанија. Македонско друштво “Илинден“-Тирана изразува разочарување од фактот што Владата на Република Албанија, под притисок на Софија, го стопира донесувањето на Законот за националните малцинства во Албанија.

,,Жалиме што Владата на Република Албанија не одолеа на бугарските притисоци за признавање на непостоечко “бугарско малцинство” во Албанија. Во Албанија, освен осумтте, со повеќедецениска пописна верификација, малцинства: Македонци, Грци, Роми, Власи, Еѓиптјани, Срби, Црногорци и Бошњаци нема ниту едно друго, а најмалку Бугари“-вели Никола Ѓурѓај, уредник на Македонски весник “Илинден”.

Тој упатува остар демарш поради ваквата одлука на Владата, како и до Владата во Софија, заради скандалозната и неприфатлива пракса на Бугарија за регрутација на “Бугари” меѓу Македонците во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, со раздавање на бугарско државјанство.

,,Колку ќе успее оваа организирана хајка на претставниците на грчкото малцинство и новобугарските здруженија, против македонското национално малцинство, ќе зависи и од активноста на македонската дипломатија во иднина. Во Албанија и натаму ќе живеат само Македонци, а фактот што нема Бугари во Албанија може да се смени само со продолжување на праксата за купување на „Бугари“. Ваквата непринципиелност на „европска“ Бугарија, ретставува постапка која може да се користи и во други случаи. Еден направен преседан во името на невистината, претставува закана за сите“-вели Ѓурѓај.