Со презентирање на новинарските приказни на неколку македонски новинари, синоќа официјално беше одбележан стартот на првиот македонски дигитален приказ, наменет за новинарите, нивните проблеми и медиумите- Ѕуница.  Моника Јовановска, која за својата идеја  да се изработи дигитална новинарска сторија на тема „Слобода на медиуми“ беше наградена на првиот Новинарски стартап-натпревар, којшто беше во организација на фондацијата за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа Скопје,најави дека Ѕуница ќе биде зона на слободен говор.

Причините заради кои се создаде Ѕуница:

Затворањето на медиуми, новинари, притисоците врз нивната работа, уцените врз нивната егзистенција, наметнатата државна цензура и мешањето на партијата во уредувачката политика на медиумите, доведе да Македонија се наоѓа на днотото на новнарството. Според индексот на слободата на медиумите, Македонија во 2010 година се наоѓала на 68-то место, а денеска се наоѓа на 111-та позиција. Во извештаите што ги објавуваа „Репортери без граници“, се вели дека за лошото рангирање на Македонија придонесе затворањето на многу медиуми, користењето на рекламниот простор како алатка за „воспитување“ на медиумите, големиот број судски случаи и смената на уредниците. Медиумската сцена се испреврти. Се случија многубројни новинарски и уреднички трансфери поради притисоци или поради ќефот на сопствениците. Се тепаа новинари кои се обидуваа професионално да си ја обавуваат својата работа, неосновано се отпуштаа, се прогласуваа за технолошки вишок, а наметнатата државна цензура ги доведе новинарите до степен да самите себе се цензурираат.

Се затворија многу печатени и електронски медиуми. Последни згаснати медиуми во Македонија се „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“, а по оваа одлука на менаџментот, стотина медиумски работници од компанијата МПМ останаа без работа. Исто така се укинаа и порталите „Вест“, „Утрински есник“ и „Телеграф“.Во 2013 година се затвори дневниот весник „Капитал“, чиј уредник беше Спасијка Јовановска. Беа отпуштени и десетина новинари. Истата година

Во 2013 година се затвори и дневниот весник „Фокус“, чиј сопственик беше Никола Младенов, а главен и одговорен уредник – Бранко Героски.
Во 2012 година пропадна дневниот весник „Ден“, чиј уредник беше Коле Чашуле.
Истата година излезе и неделникот „Граѓански“, чиј главен уредник беше Миле Јовановски, а извршен уредник Катерина Блажевска. Таа претходно беше главен и одговорен уредник на весникот „Дневник“. Неделникот, пак, се затвори во 2013 година. Во него работеше и Васко Попетрески, кој во еден период беше уредник и во телевизија „Канал 5“ и во „Дневник“.
Во 2011 година се затворија три медиуми од една групација – империјата на Велија Рамковски. Се затворија весниците „Шпиц“, чиј главен уредник беше Бранко Героски, „Време“ кој го раководеше Коле Чашуле и телевизија „А1“, со Младен Чадиковски за главен и одговорен уредник. Се затвори и магазинот „1Е“, чиј уредник беше Анета Кочишки, која подоцна беше обвинета за злосторничко здружување, а доби и две години условна казна затвор. Од оваа групација без работа останаа десетици новинари. Истата година се затвори „Форум“, кој беше под палката на Атанас Кировски, кој од 2014 година е новиот директор и главен уредник на телевизја „Телма“, како и „Лајф магазин“ чиј уредник беше Љупчо Јолевски. Тоа беа медиуми на ИТ-компанијата „Сивус“. Одлуката за затворањето на медиумите се направи без никаква најава. На 31 август 2011 година на новинарите им беше соопштено дека од 1 септември 2011 година овие медиуми повеќе нема да излегуваат. Од трите медиуми, само новинската агенција „Макфакс“ продолжи да функционира.
Во 2009 година се затвори магазинот „Глобус“, кој го уредуваше Бранко Тричковски.

По истражувањето спроведено од страна на агенцијата „МЕТА“ , покрај затворањето на медиумите, се забележуваат и многубројни рокади.

Во февруари, 2015 година, тогашната главна и одговорна уредничка на порталот „Телеграф“, во сопственот на ММП, Ивана Костовска, си поднесе оставка. Според медиумите, Костовска си поднела оставка поради притисок од менаџментот. Една година порано, во месец јули, по доаѓањето на Атанас Кировски на челната позиција на Телевизија „Телма“, од раководната функција во вестите на телевизијата е сменета и долгогодишната уредничка Емилија Лазаревска, а подоцна во 2016 година, околу десетина медиумски работници беа прогласени за технолошки вишок. Истата година, неколку месеци порано, доби отказ главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“ – Зоран Димитровски. Образложението за отказот било дека ги нарушувал професионалните новинарски стандарди и наводно манипулирал политички. Во 2013 година, новинарката Богданка Кузевска беше поставена за главен уредник на телевизија „24 Вести“, а дотогашниот уредник Боби Христов беше сменет. Во тој период, во истата Телевизија, за програмски директор беше поставен Зоран Иванов, кој по отказот што го доби од Телевизија „Алфа“, јавно изјави дека го напушта новинарството и ги враќа сите награди што ги добил. На местото на Зоран Иванов, кој си даде оставка, дојде Коле Чашуле, кој беше уредник на дневниот весник „Ден“, кој излегуваше околу една година. Во 2012 година, главниот и одговорен уредник на „Дневник“ – Зоран Андоновски, си поднесе оставка од професионални причини. Самиот имаше изјавено дека оставката си ја поднел затоа што не можел да го води весникот како што било потребно. Андоновски беше заменет со Дарко Јаневски, кој пак беше уредник во „Нова Македонија“. Во 2011 година, беше сменет од главен уредник во „Дневник“, Зоран Димитровски, кој го наследи Сашо Кокаланов, кој подоца беше ставен за уредник во електронското издание. По неколку месеци си замина од МПМ. Во „Утрински весник“ во 2012 година се сменија тројца главни уредници. По Љупчо Поповски, раководната палка ја зеде Нина Нинеска-Фиданоска, а само неколку месеци подоцна таа беше сменета со Соња Крамарска, која сè уште е на таа функција. Во септември 2012 година, Горан Петревски ја презеде уредничката позиција на вестите на МТВ. Во 2009 година, од главен уредник на „Канал 5“ беше сменет Ацо Кабранов, кој подоцна го отвори порталот „Либертас“. На местото на Кабранов, главен уредник во оваа телевизија стана Лидија Богатинова. Подоцна Кабранов стана главен уредник и во телевизија „Алфа“, кога го напушти работното место во 2011 година. Во високо развиените земји кога новинарите ротираат од еден во друг медиум, тоа значи дека новинарот подобро се „продал“ во другиот медиум. За жал ситуацијата во Македонија не е таква.

Новинарите се едногласни дека е неопходен закон со кој ќе бидат заштитени за да можат слободно да си ја работат својата работа.

Преземо од  Ѕуница за АКО.мк