Јутарњи лист: Македонија во НАТО во 2018 година

Хрватскиот весник ,,Јутарњи лист“ во последното издание посвети текст на политичката сосотојба во Македонија, во светло на неодамнешното приклучување на Црна Гора кон НАТО сојузот.

Според овој весник, НАТО планира истото тоа да го направи и со Македонија, а акцијата за нејзино приклучување кон Алијансата треба да заврши во 2018 година.

Весникот пишува дека се работи за ,,итна акција што е испланирана во Брисел, со цел растурање на руското влијание во регионот“.

 

Како еден од договорите што е дел од проектот, е влегувањето на Македонија во НАТО под референцата БЈРМ, а спорот за името со Грција треба да се реши до зачленувањето на Македонија во ЕУ.

Јутарњи лист наведува дека стагнацијата на Македонија кон Евро-атлантските интеграции беше условена од однесувањето на Атина да не се содржи името Македонија во ниту една варијанта во официјалното име на државата. Имено , Грција смета дека таа единствено има право на тоа име.

 

Со промената на власта во Македонија и инсистирањето на Западот, Атина и Скопје ги ублажија ставовите , а се очекува Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг наскоро да ја посети Македонија, за да го забрза процесот и веќе на пролет 2018 таа да стане 30 членка на Алијансата, пишува Јутарњи лист.

По тој повод неодамна Премиерот Зоран Заев разговарал со грчкиот колега Ципрас, а покрај честитките, речено е дека БЈРМ или некое друго име е прифатливо за Грција, но не и само името Македонија.

,,Русија многу тешко го прими влегувањето на Црна Гора во НАТО, бидејќи изгуби една коцкичка од сложувалката наречена Балкан. Македонија е следната коцкичка како дел од руската интересна сфера на Западниот Балкан. Членството на НАТО е приоритет, а членството во ЕУ е на подолги стази и веројатно на тој процес ќе претходи формирање на Економска заедница на Западен Балкан, која е се погласно на агендата на Берлин и Брисел“-пишува хрватскиот весник Јутарњи лист.