Ќе се исплатат 25 милиони евра заостанати субвенции за тутунот

Почнува исплатата на субвенциите за тутунот. Во Министерството за финансии се испратени налозите за вкупно 1,5 милијарди денари или 25 милиони евра, а земјоделците попладнево и утре ќе може да си ги подигнат парите од банките.

Како што соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство  Љупчо Николовски, по речиси еден месец, процесите се деблокирани и исплатата може да почне.

– За само еден и пол ден тутунопроизводителите ќе може да ги добијат средствата без какви било селективни процедури, постапки и калкулации, нагласи Николовски на прес-конференција во Владата.

Според него, изминатите недели Министерството направи огромни напори за да ги отстрани сите пречки.

– Го променивме Законот за земјоделство и рурален развој, со што се оддложи важноста на условите за подмирени обврски кон Управата за јавни приходи, вработените во подрачните единици ги задолжив да ги внесуваат податоците од подружниците на АД Водостопанство, со цел земјоделците кои ги подмириле обврските за водарина по 15 јануари годинава, да бидат внесени како водокорисници кои не должат по основ на договор за водарина, од Секторот земјишна политика се ажурираше базата на податоци со цел на земјоделците кои должат за неплатена концесија на државното земјоделско земјиште преку пат на пребивање да може да им се исплатат субвенциите за тутун, а дополнително се ажурираше и базата во делот за Јапонската помош, што исто така беше еден од предусловите за да може да се исплатат субвенците, информира министерот.

Приоритет на Владата останува, рече, зголемување на земјоделските површини, приносите и квалитетот на земјоделските производи.