Џафери нема намера да го моли Иванов, Влада секако ќе се формира

Немам намера да молам никого, а најмалку Иванов, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг за новинарите, прв откако е именувана оваа функција. Претседателот на македонскиот Парламент најави дека ќе ги испочитува сите законски рокови, но потоа нема никој веќе да го чека Иванов, доклоку реши да не го даде мандатот.

-Од институционален аспект моите обврски кон Иванов завршија. Јас моите обврски кон него ги исполнив. И сега тој е должен за 10 дена да го даде мандатот. Јас не го толкувам Уставот, јас само го читам како што е напишан. Варијантата да не го даде од која било причина значи кршење на Уставот. Да сме на чисто. Јас никого не молам, а најмалку Иванов. Јас чекам, затоа што имам обврска да го чекам истекот на тие 10 дена. После тој рок сѐ е во рацете и волјата на парламентарното мнозинство – изјави Џафери.

Новиот претседател на Собранието рече дека чека да добие мислење од сите парламентарни групи и да се постигне  консензус околу датумот за одрѓување на локалните избори, по што ќе закаже седница на Парламентот за измена на Изборниот законик.