Џевад Адеми: Научете албански ако сакате да комуницираме без слушалки

За пратениците од владејачките партии Законот за употреба на јазиците ќе придонесе за релаксирање на етничкиот соживот, додека за опозицијата тој е неуставен и ќе доведе до раздор во државата. Жестоки, противречни едни на други дискусии, го одбележа првиот ден од расправата по овој закон.

Пратеникот на ДУИ, Џевад Адеми реплицирајќи му на Панчо Минов од ВМРО ДПМНЕ му порача да научи албански.

„Не знам која е целта на овој закон, да се воведе негова употреба во Кавадарци или во Пробиштип. СДСМ тврдеше дека нема да има двојазичност во сите општини, ама според законот, не е така. Албанскиот јазик станува службен на цела територија. Не прифаќам такво нешто и јас нема да бидам пратеник-слушалка“, рече Минов.

На ова реплицираше пратеникот Џевад Адеми од ДУИ, кој му порача дека за да не се доведе до тоа да биде „пратеник слушалка“, треба да го научи албанскиот јазик.

„Токму тоа ви зборувам, научете албански за да ме разбирате како што јас ве разбирам вас, да не бидеме слушалки.Треба да се научи албанскиот јазик за да можеш да комуницираш со мене како што можам јас со тебе“, рече Адеми .