1000 денари и на македонски и на албански јазик се 1000 денари

Се стокми Закон за употреба на албанскиот јазик, што станува со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик?

Три до пет илјади евра ќе бидат казните за оние што нема да ги применат одредбите од новодоговорениот Закон за употреба на албанскиот јазик, се разбира доколку биде усвоен од идниот парламентарен состав. Во „Патот кон“ на ТВ Алсат-М, портпаролот на ДУИ Бујар Османи рече дека со Зоран Заев договориле и двојазичност на македонската валута – Денарот. Според овој договор, како што изјави Бујар Османи,  во член 8 од новиот закон е предвидено и тоа.

„Со Заев договоривме албанскиот јазик да го има на парите. Во член 8 од овој закон, предвидено е и банкнотите и монетите да бидат двојазични и на македонски и на албански“, рече Османи.

Тој појасни дека за да се спроведува законот, како што е договорено, предвидени се и казни.

„Овој закон е за употреба и заштита на албанскиот јазик. Тука многу јасно се предвидени механизмите за набљудување на употребата на албанскиот јазик и казнувањето за евентуално негово неупотребување . Со прецизни казни се предвидуваат три до пет илјади евра за институцијата, 30 отсто за физичкото лице раководител на таа институција. Дефинирани се сите компетенции на тој инспекторат, но и на агенцијата која ќе го направи стандаризирањето на примената на законот“, рече Османи.

Османи рече и дека со новиот Закон за употреба на јазиците на малцинствата, собраниските седници ќе може да се водат и на албански јазик, а сите донесени закони ќе бидат двојазични.

Министрите Албанци во владата, ќе можат да говорат и на својот мајчин јазик. Судските постапки, ако во нив учествува Албанец, ќе бидат двојазични, а тоа важи и за информативните табли на државните институции и за сообраќајните знаци.

Целосно нов Закон за употреба на македонскиот јазик по осамостојувањето, првпат е донесен во 1998 година. Отогаш тој одвреме навреме, претрпувал одредени измени и дополнувања. Ако го прочитате ќе видите што се е предвидено во него и според тоа што се не се применува. И таму се предвидени  санкции, на пример дури ако се објави нелекториран текст од правно лице. Овој закон ги уредува и натписите, сообраќајните знаци, патоказите…

За волја на вистината, ако сакаме да бидеме реални, тогаш треба да признаеме дека употребата на двојазичноста каде има над 20 проценти албанско население, речиси воопшто не се применува. Според сликата на теренот , кога ќе отидете во повеќе населени места во Западна Македонија, како Тетово, на пример, да не зборуваме за селските средини, немате впечаток дека сте во Р Македонија. Барем, според натписите на продавниците, рестораните и слично, што пак се третира и со други закони, кои исто така не се применуваат.

Она што досега не е третирано во јавноста е дали преговарачите од ДУИ и од СДСМ предвиделе колку трошоци се потребни за да се реализираат идеите за двојазичност, како што се двојазична валута на пример или водење на судски процеси?!

И како се вика ДЕНАР на албански јазик? И дали банкнотата од илјада денари ќе има иста вредност и на македонски и на албански јазик? И дали ќе бидете посреќни ако имате в џеб двојазична валута или валута која ќе ви обезбеди пристоен и достоинствен живот?  И зошто мораше да се посегне и по денарот? По валутата? И која валута, од етнички причини, е двојазична? И, и, и…..

Дека ништо не е како што изгледа, се потврдува и во овој случај. Примената на ваков закон ниту ќе биде лесна , ниту едноставна, а во многу ситуации, веројатно и невозможна.

Еве, само замислете си, ако дојде до формирање на новото парламентарно мнозинство, а потоа и Влада, како ќе изгледа една седница на која ќе се расправа за предлог на Закон за употреба на албанскиот јазик? Ве молам, замислете си….

Емилија Лазаревска

АКО.мк