Предупредувачко писмо од Заев до амбасадорите

Претседателот на СДСМ Зоран Заев испрати писмо до амбасадорите гаранти на договорот од Пржино, во кое предупредува на повеќе чекори на владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои се во насока на уривање на изборниот процес и натамошно усложнување на политичкиот амбиент во земјата, се вели во соопштението од оваа партија.
Како основа за ваквата загриженост, според Заев пред се е натамошната политичка инструментализација на Уставен суд и неговото неизјаснување за уставноста на законот за СЈО, што може да предизвика ,,темелна деструкција на политичкиот процес и очекувањата за демократска разврска на постојните политички конфронтации”.
Во писмото лидерот на социјалдемократите укажува и на опасноста од натамошна злоупотреба на судството, до ниво на целосна суспензија на владеењето на правото и правната држава, што во голема мера ќе го детерминира политичкиот амбиент пред претстојните парламентарни избори и правото на граѓаните да бидат дел од изборниот процес.
Исто така, наведено е неодговорното однесување на политичкото мнозинство во Парламентот кое настојува пред распуштањето на Собранието да се усвои предлогот за Буџетот на државата за 2017 година.
Заев во писмото до амбасадорите укажува дека е неопходно да продолжи позитивниот процес на градење доверба за одговорно политичко однесување во пресрет на вонредните парламентарни избори во декември.