Нема место за гимназијалците македонци во Тетово

Заради нерешениот просторен проблем, гимназијалците од тетовската гимназија на македонски наставен јазик ќе продолжат да учат на градскиот плоштад и секој ден во претпладневните часови ќе протестираат пред Општина Тетово. Ова е одлуката што ја донесе Советот на родители и професори, кои денеска одржаа состанок со секторот за образование при Општина Тетово, од каде не го прифатија нивниот предлог, децата да учат во централниот објект на гимназијата. Раководителот на секторот, изјави дека барањето на родителите и професорите е незаконско.

-,, Ние пред два дена добивме допис од Министерствотото за образование дека е незаконски учениците Македонци да се вратат во гимназијата и да учат со скратени часови и ние мора ова решение да го почитуваме. Затоа апелираме децата да се вратат во просториите на зградата на Работничкиот универзитет и во објектот на Основното училиште Гоце Делчев во Тетово, рече Ахмед Ќазими, раководител на секторот за образование при Општина Тетово.

Од Совет на родители и професори повторно го одбија ваквото барање, со образложение дека во овие две згради нема услови за следење на настава.

Утре повторно е закажана настава на гимназијалците во 9 часот на отворено. По завршувањето, ќе се одржи мирен протест пред Општина Тетово.

Вчера, гимназијалците од Тетово што учат на македонски наставен јазик го одржаа својот прв час во оваа училишна година и тоа место во училници, на плоштад. Цел месец ја бојкотираат наставата затоа што, како што велат, немаат елементарни услови за настава.

(Р.А)