30 дена притвор за Сеад Кочан, Кривичен суд побара од МВР негово приведување

На сајтот на Основен суд Скопје 1 е објавено решението со кое е прифатена жалбата на СЈО и е одредена мерка притвор од 30 дена за Сеад Кочан. Исто така судот бара МВР да го лоцира и приведе.
Во продолжение дел од решението објавено на официјалниот сајт на Кривичен суд:

КРИВИЧНИОТ СОВЕТ ПРИ ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ I СКОПЈЕ, составен од Претседателот на Советот-судијата Гордана Спиреска и членовите на Советот-судиите Марјан Грубиша и Славица Наумова Јосифовска, со помлад судски соработник Ивана Ристиќ, како записничар, постапувајќи по жалбата изјавена од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК – КО.бр.4/17 од 03.03.2017 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КПП.бр.144/17 од 02.03.2017 година, по одржаната седница на ден 07.03.2017 година, согласно чл.169 ст.3 в.в. со ст.4 в.в. со ст.5 в.в. со чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП, го донесе следното:

 

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

 

ЖАЛБАТА изјавена од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК – КО.бр.4/17 од 03.03.2017 година, против решението на судијата на претходна постапка на овој суд КПП.бр.144/17 од 02.03.2017 година,СЕ УВАЖУВА.

 

РЕШЕНИЕТО на судијата на претходна постапка на овој суд КПП.бр.144/17 од 02.03.2017 година, СЕ ПРЕИНАЧУВА и гласи:

 

ПРЕДЛОГОТ ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ МЕРКА ПРИТВОР против осомничениот С.К.од С. поднесен од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, НСК – КО.бр.4/17 од 28.02.2017 година, СЕ УВАЖУВА.

 

ПРОТИВ ОСОМНИЧЕНИОТ С. К. од С., со ЕМБГ , од татко И., мајка Ш., роден на … година во С., со адреса на живеење на ул.„…“ бр…., Општина Центар, писмен, Б., државјанин на РМ, сооснивач на правното лице ДГТТ „….“ ДОО С., основач на Т. Р. … С., еден од основачите за З…, еден од основачите и Претседател на … С., Управител .на ДПТ …С., …, поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в од ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, СЕ ОПРЕДЕЛУВА МЕРКА ПРИТВОР, во траење од 30 дена, сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП.

 

СЕ НАЛОЖУВА на овластените службени лица од МВР на РМ, СВР Скопје, ОЕКР, Единица за извиди и потраги, Одделение за потраги-Скопје, по пронаоѓање и лишување од слобода на осомничениот С. К., да го спроведат на издржување на мерката притвор во КПУ Затвор Скопје – Скопје, а за истото веднаш да биде известен Основниот суд Скопје 1 Скопје.

 

О  Б  Р  А  З  Л  О  Ж  Е  Н  И  Е

 

Од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, до судијата на претходна постапка на овој суд, поднесен е предлог за определување мерка притвор, НСК – КО.бр.4/17 од 28.02.2017 година, против осомничениот С. К. од С., поради постоење на основано сомневање дека сторил кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл.275-в од ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, а поради постоење на основите од чл.165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП.

 

Постапувајќи по предлогот за определување мерка притвор, судијата на претходна постапка на овој суд донел решение КПП.бр.144/17 од 02.03.2017 година, со кое предлогот за определување на мерка притвор против осомничениот С. К. од С., поднесен од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК-КО.бр.4/17 од 28.02.2017 година, поради основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партерство од чл.275-в ст.3 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, го одбил како неоснован.

 

Незадоволен од погоре цитираното решение на судијата на претходна постапка на овој суд КПП.бр.144/17 од 02.03.2017 година, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, до Кривичниот Совет на овој суд, во законски предвидениот рок, изјави жалба НСК – КО.бр.4/17 од 03.03.2017 година, против истото, поради суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка во смисла на чл.415 ст.1 т.11 и чл.415 ст.2 од ЗКП и погрешно утврдена фактичка состојба во смисла на чл.417 ст.1 од ЗКП, со барање за присуство на седница на Советот, во смисла на чл.169 ст.5 од ЗКП. Во жалбата се наведува дека во конкретниот случај судијата на претходна постапка правилно го има утврдено фактот дека постои опасност од бегство, со тоа што самоиницијативно го презема ризикот дека таквата опасност е „мала“, меѓутоа Законот за кривичната постапка оперира со формулацијата „околности што укажуваат на опасност од бегство“, а не дозволува квантитативно и квалитативно градирање на опасноста за бегство, бидејќи според Законот и најминималната опасност од бегство значи околност што укажува на бегство. Во таа смисла се истакнува дека судијата на претходна постапка погрешно ја применил одредбата од чл.165 т.1 т.1 од ЗКП, со што сторил повреда на одредбите од Законот за кривична постапка, што е основ за жалба, согласно чл.415 ст.2 од ЗКП. Исто така, се наведува дека судијата на претходна постапка погрешно го утврдил работниот статус на осомничениот, како околност која што ја намалува веројатноста од бегство. Осомничениот е оној кој управува со друштвото, а не е во работен однос во истото бидејќи не постои работно место управител, туку управителот е орган на управување со трговското друштво и неговите односи со друштвото се регулирани со Законот за трговските друштва во чл.3 ст.1 т.12 и истите не потпаѓаат под одредбите од Законот за работните односи, па според ваквата околност обвинителството квантитативно и квалитативно ја зголемува веројатноста за бегство. Поради ваквата погрешна констатација, судот погрешно го применил членот 165 ст.1 т.1 од ЗКП, од аспект на причините за бегство, со што сторил суштествена повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка од чл.415 ст.2 од ЗКП. Понатаму во жалбата се наведува дека неоснована е констатацијата дека самото уредно јавување на осомничениот пред судот ја елиминира намерата за негово бегство, особено што согласно чл.168 од ЗКП, осомничениот мора да биде сослушан како би му бил определен притвор, а доколку истиот побегнал би требало да се распише потерница, по што повторно треба да биде изведен и испитан пред судијата на претходна постапка како би се донело решение за притвор.

Во поглед на предложениот основ од чл.165 ст.1 т.2 од ЗКП, како основ за определување на мерка притвор, во жалбата на обвинителството се наведува дека осомничениот може да влијае на понатамошната постапка во насока на сокривање на трагите од кривичното дело. Во овој контекст, се истакнува дека постои опасност осомничениот да го искористи своето влијание заради склучување на фингирани договори, со цел да се докаже дека неговото трговско друштво поседувало механизација каква што била во тендерската документација. Како можни варијации за злоупотреби се анти-датирани договори за закуп на механизација, склучени со други трговски друштва кои што се сопственици на механизација каква што осомничениот лажно прикажал дека поседува неговото трговско друштво во моментот на сторување на кривичното дело.

Воедно, се истакнува дека, судот погрешно го утврдил и фактот дека не постојат особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, ќе го доврши или дека ќе стори ново кривично дело, во смисла на чл.165 ст.1 т.3 од ЗКП, односно погрешно го оценил фактот дека осомничениот од 28.02.2017 година повеќе не е дел од М…Компани. Според обвинителството се работи за малициозен потег евентуално преземен веднаш по обзнанување на фактот дека се води истражна постапка против осомничениот, кое нешто е прифатено до страна на судијата на претходна постапка и покрај тоа што со денот на изјавување на жалбата согласно историјатот за промени од Централен регистар кој се доставува во прилог на истата, осомничениот се уште евидира како управител. На 29.12.2016 година е избришан податокот дека осомничениот е сопственик-содружник на М… Компани, а како сопственик се јавува А. К., која е негова сопруга. Во тој контекст имајќи во предвид да осомничениот евидира како управител со неограничено управување во внатрешниот и надворешниот промет на М…Компани, чија што приоритетна дејност е вадење на руда и други обоени метали, која е идентична со дејноста на фирмата Т., во која осомничниот сега има својство на Советник, ги има сите контакти што и претходно ги имал, па овие околности доведени во корелација со материјалното богатство и релациите, укажуваат на веројатност дека истиот преку наведеното правно лице или преку Т…. М., може повторно да се јави во улога на економски оператор во некоја наредна постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Наведените околности според обвинителството укажуваат на основ за определување на мерка притвор од чл.165 ст.1 т.3 од ЗКП, односно оправдан страв дека осомничениот може да го повтори кривичното дело или да стори ново дело, особено што му е исклучително познат начинот на учество и издејствување на победа на тендерите со недозволени средства. Поради наведеното, се предлага Кривичниот Совет да ја уважи жалбата и да го преиначи обжаленото решение така што на осомниченот С. К. ќе му определи мерка притвор поради постоење на изнесените основи од чл.165 ст.1 од ЗКП.

 

Од страна на осомничениот С. К. од С., преку неговиот бранител е доставен одговор на жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите НСК – КО.бр.4/17 од 03.03.2017 година. Во одговорот на жалба се наведува дека обжаленото решение е засновано на одредбите на Законот за кривична постапка и Конвенциите за заштита на човековите права, истото е јасно и образложено и со ниту еден жалбен навод не е доведено под сомнение. Во оваа насока се истакнува дека е неточен жалбениот навод на обвинителството дека Законот за кривичната постапка не дозволува квантитативно и квалитативно градирање на опасноста за бегство и дека согласно законот и најминималната опасност од бегство значи околност што укажува на бегство. Напротив квалитативното и квантитативното градирање на опасноста од бегство е должност на судот, која произлегува од Законот за кривичната постапка, но и од воспоставената судска пракса на Европскиот суд за човекови права. Во оваа насока се посочуваат пресудите Neimeister против Австија, Letellier против Франција и Panchenko против Русија, во смисла на кои опасноста од бегство мора да биде оценета со упатување на голем број други релевантни фактори кои можат или да го потврдат постоењето на опасноста од бегство или да направат таа да изгледа толку мала што не може да го оправда притворот пред судењето. Опасноста од бегство мора да биде оценета со земање предвид на факторите поврзани со карактерот на лицето, неговиот морал, дом, занимање, имот, семејни врски и сите видови на врски во земјата во која се гони (Becciev v. Moldova, 58). Понатаму се наведува дека судот при одлучувањето ги зел предвид и околностите дека осомничениот е во постојан работен однос, има оформено потесно семејство и цврсти роднински врски во земјата, како и дека истиот нема роднини надвор од РМ, а сите тие околности прават опасноста од бегство да не е доволна за да може судот да определи мерка притвор. Во овој конекст се истакнува дека се неточни наводите на обвинителстовото дека осомничениот како управител не бил во работен однос, дотолку повеќе што осомничениот не е управител туку Советник во Т… и е во работен однос. Исто така, се наведува дека во конкретниот случај товарот на докажување на постоење на опасноста од бегство е на обвинителството, кое нешто истото неуспешно го чини, бидејќи наместо тоа јавниот обвинител се концентрирал на побивање на околностите кои не укажуваат на опасност од бегство. Дека нема основ за определување мерка притвор според одбраната укажуваат повеќе околности и тоа фактот дека обвинителството повеќе од 3 месеци води истражна постапка во која презема поголем број истражни дејствија кон осомничениот, истиот бараната документација преку вработените доброволно и целосно ја има предадено, сослушани се сведоци, во јавноста преку обвинителството се присутни информациите за истражните дејствија и сите детали се дадени на прес конференција на обвинителството. Според тоа, ако осомничениот сакал да бега тоа би го сторил одамна, а не уредно да се јавува на судски распит, а тврдењата на обвинителството во врска со финансиската моќ на осомничениот дека можел да си купи државјанство како околности кои укажуваат на бегство се во целост неосновани. Во смисла на изнесеното според одбраната судот правилно утврдил дека не постои веројатност за опасност од бегство поради која треба да се одреди притвор. Исто така, се наведува дека жалбените наводи дека постоела опасност осомничениот да фингира договори и да антидатира договори се неосновани, од причина што осомничениот повеќе од три месеци соработувал со обвинителстовото кое нешто е потврдено од обвинителите пред судијата на претходна постапка, истиот ја предал целокупната негова документација, а предадена е и документацијата од Е…. Во оваа наоска се посочува дека за постоење на основот од т.2 од чл.165 ст.1 од ЗКП, потребно е има особени околности кои укажуваат на попречување на кривичната постапка или основан страв дека ќе се фалсификуваат или уништат трагите, но при целосно обезбедена документација со доброволно предавање на истата не е можно да се фалсификуваат ниту уништат траги. Според одбраната, неосновани се жалбените наводи дека постоела опасност да се повтори кривичното дело затоа што осомничениот можел да учествува во јавни набавки, од причина што осомничениот нема позиција на одговорно лице туку е Советник за градежни работи. Поради наведеното, се предлага Кривичниот Совет да ја одбие жалбата како неоснована и да го потврди обжаленото решение со кое се одбива предлогот за определување мерка притвор против осомничениот С. К., а согласно чл.165 ст.5 од ЗКП, бранителот да биде повикан на седницата на Кривичниот Совет.

 

Постапувајќи по изјавената жалба, Кривичниот Совет на овој суд, имајќи предвид дека во истата, како и во одговорот на жалба, се истакнати барања за присуство на Јавниот обвинител и бранителот на седница на Советот, закажа и одржа седница на ден 07.03.2017 година. Советот седницата ја одржа во присуство на странките и тоа Јавните обвинители Гаврил Бубевски и Артан Ајро, од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и бранителот на осомничениот С. К., Никола Додевски адвокат од Скопје.

Линк до целото решение: Кривичен суд