30.128 граѓани повеќе од претходните избори имаат право на глас

На овие шести локални избори во Република Македонија од осамостојувањето , граѓаните избираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. Се гласа на 3.480 избирачки места, а право на глас имаат 1.814.644 избирачи кои можат да се изјаснат за 260 кандидати за градоначалници и 6.627 кандидати на 372 листи за членови на совет. Но, интересно е што само пред десет месеци право на глас имале 1.784 416 граѓани, а сега 1.814 644 граќани, што е за 30.128 граѓани повеќе. Додека, на парламентарните избори во 2014 година право на глас имале 1.780 128 граѓани. Бидејќи во РМ не е направен попис на населението последните 15 години, никој со сигурност не може да каже  колку жители има и каква е старосната и национална структура во земјата.

Ова е редоследот на гласачкото ливче:

Прва – СДПМ, втора е Коалицијата Алијанса на Албанците и НДП, трета ДУИ, четврта Коалицијата за Битола – ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, петта Коалиција Заедно за Гази Баба предводена од БЕСА, шеста НДМ, седма ВМРО-ДПМНЕ, осма Движење на национално единство на Турците, деветта Алијанса на Албанците, 10-та е ТМРО, 11-та е Демократската партија на Турците, ГРОМ е 12-ти, Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е 13-та, БЕСА е 14-та, ДПА е 15, Левица е 16, ПДП е 17, Сојуз на Роми е 18, а СДСМ е 19-та.

Листите на кандидати за членови на совет и листите на кандидати за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител, имаат ист реден број во сите општини.

Гласачките места се отворени  во седум часот, а ќе бидат затворени во  19 часот.

Вчера, ден пред изборите, гласаа лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.