Facebook  полиција

Од Емилија Лазаревска

 

Срамотно е и апсолутно неприфатливо, бркањето вештерки на социјалната мрежа   Facebook, од страна на вечните ,,борци за демократија, слобода на говор и медиуми“, кои како инквизиција дремат online и распнуваат секој што има поинакво мислење од нивното скапо платено.

Дрскоста и арогантноста со која овие правосмукалки на странски грантови се впуштаат во распнување на поинаквите од нив, ги поминува границите на пристојноста и на трпениетo.

Шовинистички  прогласуваат за шовинисти професори и научни работници, експерти во својата област, кои ете не политички, туку стручно се ,,дрзнале“ да коментираат за тема за која се експерти! И тоа без странски грантови за своето мислење.

Е па драги мои, како што милувате да кажете, ова е груевизам. Груевизам е да се воздржуваме да го кажеме мислењето, затоа што, не заради нешто друго, туку заради мислење, нема да може да најдеме работа. Или, нема да ни успее бизнисот. Или, нема да имаме каде да го кажеме своето мислење. Или , нема да не стават во некое владино или стручно тело. Затоа што не дуваме во иста труба.

Срамно е аргументите и фактите, да ги прогласувате за национализам, а кршењето на процедурите и политичките одлуки за патриотизам.

Вашиот патриотизам се мери во долари или во евра. Секој збор го наплатувате од странски пари, за среќа не од буџет којшто го полниме ние, граѓаните на Македонија.

Посебна приказна се новопечените советници, демократи нели по убедување, кои , откако отидоа од таа страна на железната капија, станаа бирократи.

И тоа не е никаков проблем, секој има право на избор. Но, никој нема право  оркестрирано, некои и самоиницијативно, затоа што сега поинаку гледаат на работите, да  налетуваат со пизма , и да  ,,советуваат“ дека таа дебата не е дебата.

Со задоволство, иако дури денеска, ја изгледав емисијата на колегата Васко Маглешов, со гостинките –професорката од Институт за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска и професорката на Правен факултет, Гордана Силјановска-Давкова.

Да, тоа е дебата. Па замислете, смирена, со аргументи и без навреди и нужно плукање и кавга меѓу соговорниците. Мислам, мислам и не знам кој на тоа рамниште би бил добар контраш, со поинакво мислење од нивното, за Законот за јазици. Такво мислење, барем јас, досега јавно не сум чула, ниту видела. А знаете зошто? Затоа што, веројатно, какви и да се, со кого и да се, во какви и да им се кошнички со мед рацете, не верувам дека ќе излезе некој Универзитетски професор  и ќе си плукне на дипломата. Освен ако не е некоја каракамишевка.

Законот за јазици, таков каков што е сега во собраниска процедура, по скратена постапка, без јавна расправа и со европско знаменце (?!), е производ на политичка одлука , а не на стручна дебата. Во спротивно, сите правни и јазични експерти(лингвисти) би биле дел од неговата подготовка, а претходно, дел од стручна и јавна дебата. Такво нешто немаше.

Доколку сега се обидете да писнете нешто против ова,  веднаш ќе ви писнат и ќе ве сместат во ретроградните елементи на оваа држава. Ќе ве турнат во националистичката депонија формирана од нив.

За жал, сега гледам една ситуација, во која речиси исти луѓе и некои новоплатени, ги ничкосуваат националните институции, заради гол политички прагматизам.

Законот за јазици е каменот околу вратот на оваа Влада или мечот со две острици. Тој, ваков каков што е, убедена сум, ниту ќе го унапреди користењето на албанскиот, ниту на македонскиот јазик. Ниту пак ќе ја добие својата вистинска примена. И натаму во средините со мнозинство албанско население, официјалниот јазик во РМ, македонскиот, ќе биде потиснат и игнориран, а во средини каде е доминантно македонското население, вториот јазик во службена употреба, албанскиот, нема да заживее.

Немањето обврска да се знае официјалниот јазик на РМ, македонскиот, но и да се учи вториот службен, албанскиот, не води кон длабока политичка и национална сегрегација. Сакале ние тоа да го признаеме или не.

Локалните избори во октомври се од големо значење за иднината на оваа земја. Не толку кој ќе биде градоначалник, туку како ќе се позиционираат политичките партии и дали ќе се одлепи некоја партија од македонскиот блок по освоени гласови, па да може да иницира наскоро потоа и предвремени парламентарни избори. Затоа што , факт е, Влада со поголемо мнозинство, ќе има поширок и појасен дијапазон на делување, а да не биде уценувана од помалите коалициски партнери.

И пред да почнете да ме карате. Кога беа мали моите деца и кога ќе се случеше кавга со некое нивно другарче, секогаш го карав моето дете. Кога ќе згрешеа, ги критикував. Кога ќе направеа добро, им велев можат уште подобро.

Затоа што сметав дека така ќе станат добри луѓе, самокритични и објективни.

И да. Првпат по падот на груевизмот, завчера ми дојде убаво на душата. Деца гледаат претстава, луѓе слободно се движат, влегуваат и излегуваат. Споменикот на ослободителите на Скопје  во преден план. Шампитата не ја забележав…..

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА за АКО.мк