Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром со лесна и убедлива победа го завршија регуларниот дел од сезоната во АБА2-лигата, откако попладнево, на домашен терен, го совладаа тимот на Спарс (93-77).

Аеродромци клучната предност ја обезбедија во третиот период, откако во првото полувреме постојано ја имаа иницијативата и водството, но тоа во ниту еден не беше изразено со двоцифрена разлика. Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов во 27. минута имаа плус 16 (66-50), по што следуваше мало опуштање кое донесе низа од десет поени на противникот, кој со тоа врати каква-таква неизвесност во натпреварот. Но, сино-белите брзо одговорија со серија 12-0, за ново највисоко водство (78-60), кое овој пат им ја осигура посакуваната победа.

Предраг Самарџиски беше убедливо најдобриот поединец во тимот од Аеродром со дабл-дабл ефект од 26 поени и 14 скока, заедно со четири асистенции. Нијанси зад него беше Иве Иванов со 19 поени, три скока и пет асистенции, а двоцифрен поентерески ефек имаа уште и Џејмс Вудард и Дамјан Стојановски со 15 односно 11 поени.

Полуфиналната плејоф-серија помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Спарс почнува следната среда (20 март), кога македонскиот претставник ќе гостува во Сараево. Реваншот во „Јане Сандански“ е на 24 март, додека евентуалниот решавачки меч ќе се игра повторно во босанската престолнина и тоа на 28 март.