Австралиската влада бара мигранти што живеат во ,,културни меури” да го подобрат својот англиски јазик

Успешното мултикултурно општество во Австралија е изложено на ризик, затоа што многу мигранти не успеваат да се интегрираат и да развијат пристоен англиски јазик, предупредува министерот за државјанство, Алан Туџ.

Деновиве во оваа прекуокеанска , за многумина ветена земја, се водат жестоки дебати дека наместо интеграција, напливот на мигранти прави изолација и отуѓено општество.

Ресорниот министер вели дека мигрантите не се интегрираат во австралиското општество, како и дека се потребни потешки тестови по англиски јазик за да се подобри интеграцијата.Министерот Туџ  предупредува дека многу мигранти живеат во сопствените “културни меурчиња”, што мора да се поправи.

Федералната влада го обнови притисокот  мигрантите да се соочат со построги јазични тестови и да ја покажат својата посветеност на австралиските вредности.

Промената на законите за државјанство беа стопирани минатата година, затоа што Лабуристичката партија и критичарите ги критикуваа промените како премногу сурови.

“Интеграцијата на мигрантите е тајна за нашиот мултикултурен успех, но има неколку знаци за рано предупредување дека не го правиме тоа како што треба”, вели Туџ.

Податоците на владата покажуваат дека речиси 25 отсто од мигрантите кои пристигнале од јануари до август минатата година не зборувале англиски или имале многу ограничени јазични вештини.

Тоа е зголемување на бројот на 18 и 19 проценти пријавени во пописите во 2006 и 2011 година и е доказ дека федералната влада мора да интервенира за да се зачува успешниот мултикултурализам.

Тој предупредува дека многу мигранти остануваат изолирани, живеејќи во сопствените “културни меури” и ограничувајќи ги нивните интеракции со поширокото општество.

Поранешниот министер за социјални работи, исто така, предупреди дека “географската концентрација” на мигрантите е поврзана со ниското ниво на познавање на англиски јазик.

“Ако сакаме да ја гарантираме социјалната кохезија на оваа земја, ако сакаме да гарантираме успешна мултикултурна земја во иднина, тогаш широкото австралиско население треба да зборува барем пристоен англиски јазик”, велат овие владини и политички претставници.

На пример, во областа на  југо-источниот дел на Мелбурн, каде близу 60 отсто од жителите се родени во странство,  многумина од нив зборуваат ограничен англиски јазик.

 

Извештајот на комитетот на Сенатот за легислативата покажа дека јазичните тестови кои треба да се воведат со промена на законот за државјанство, се премногу тешки и би исклучувале многу мигранти кои би можеле да придонесат за австралиското општество.

Сепак министерот за имиграција смирува дека тестот не треба да биде на ,,универзитетско ниво”, туку е потребно да се покаже “скромно разбирање” на англискиот јазик.

Постојат и спротивни мислења во австралиската влада, кои се противат на исклучување на мигранти од австралиското општество заради непознавање на англискиот јазик, затоа што, според нив, тоа не значи дека тие не се добри работници на своите работни места.

Дебатата во австралиската влада продолжува, за да се дојде до едно прифатливо решение за тежината на тестот по англиски јазик што ќе мора да го помине секој мигрант што ќе дојде во Австралија.