Бугарскиот премиер Бојко Борисов, австрискиот канцелар Себастијан Курц и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск се сретнаа денеска во австриското туристичко место Шладминг каде се одржи симболична церемонија за предавање на претседавањето со ЕУ.

Во фокусот на разговорите беа резултатите постигнати за време на бугарското претседавање со ЕУ и приоритетите на Европскиот совет во следните шест месеци, по кои ќе работи австриското Претседателство.

Борисов се заблагодари за конструктивниот дијалог во Европскиот совет, кој даде можност да се насочи вниманието врз балканскиот регион.

– Давањето јасна порака за почеток на претпристапни преговори со Македонија и Албанија за членство во ЕУ ги постави основите за перспективата на целиот регион – истакна бугарскиот премиер, нагласувајќи дека средбата на врвот за Западен Балкан во мај во Софија одиграла многу важна улога во тој процес.

Борисов му посака успех на Курц во идното шестмесечно претседавање, додавајќи дека секогаш може да се надева на помош од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.