Адвокатот Жарко Стеваноски од Прилеп јавно се откажа од членство во СДСМ

Познатиот прилепски адвокат, член на СДСМ и еден од можните кандидати на СДСМ за градоначалник во Прилеп на последните локални избори, Жарко Стеваноски, јавно се откажа од понатамошно членство во СДСМ.

По последните турбуленции и внатрепартсики избори, Стеваноски, кој воедно беше жесток критичар на владата на Никола Груевски, пишува дека во локалните ограноци на СДСМ нема никаква можност за напредување во партиската хиерархија и не постои волја за соработка и имплементација на нови стратегии:

,,И покрај преземањето на локалната власт на последните локални избори, ОО на СДСМ Прилеп воопшто не покажа интерес за имплементирање на нови политички активности кои доликуваат на политики на партија на власт, кое нешто се потврди и од изборните резултати на последните претседателски избори.

Активностите и политиките на огранокот би требало да бидат рефлексија на генералните политики на партијата, но со оглед на актуелните политички случувања и политички резултати на локално ниво не е случај.

Поради погоре наведените причини сметам дека мојот партиски ангажман до денес, освен што е злоупотребен заради исполнување на лични цели на поединци и групи кои егзистираат низ внатрепартиските органи на огранокот, воопшто не е искористен заради реално имплементирање на генералните цели и политики на партијата.

Уставно загарантирано право на секој граѓанин на оваа држава е правото на слободата во изразувањето и поради самопочитта кон сопствените политички убедувања, сметам дека пред сѐ етички и морално е на ваков начин да се дистанцирам од партиското делување на огранокот на СДСМ во Прилеп и да можам своите лични политички ставови да ги изнесувам јавно без да нанесам политичка штета на партијата како нејзин член.

На највисоките партиски претставници им благодарам на довербата и досегашната соработка, со надеж за идна соработка од позиција на обичен граѓанин на РСМ заради реално имплементирање на генералните политики на СДСМ.

Ми беше чест да бидам член на СДСМ“-пишува Стеваноски.

Стеваноски беше член на СДСМ од 2004 година. Но, како што вели, и покрај неговата исклучително активна улога во сооборување на политиките на ВМРО ДПМНЕ, тогашното раководство на ОО на СДСМ не покажало никаква волја за таква активност во Прилеп.

,, Во периодот од 2015 год. до денес преку сеопфатна анализа на начинот на владеење на ВМРО ДПМНЕ ги утврдив и причините поради кои кај раководството на ОО на СДСМ Прилеп постои таквиот отпор за реално имплементирање на генералната политика на партијата заради преземање, а сега и заради одржување на власт.

Во сите предизборни внатрепартиски активности, од страна на членството преку месните одбори бев предлаган како кандидат за сите партиски функции на ниво на ОО на СДСМ Прилеп како и за сите опшествени функции пред одржување на парламентарни и локални избори.

Нескриено е експонирањето на поединци низ сите внатрепартиски избори во ОО на СДСМ Прилеп кои вршат злоупотреба на внатрепартиските органи и надвор од статутарните можности се служат со активности кои практично го условуваат објективниот избор на соодветни кандидати за членување во внатрепартиските органи, преку потпишување на иницијативи, собирање на списоци за поддршка на подобни кадровски решенија, користење на ексклузивитетот за одржување на состаноци заради фаворизирање на според нив соодветни партиски решенија и нивна употреба пред највисоките партиски функционери во насока на изнудување на соодветен избор на кадри.

ОО на СДСМ Прилеп поседува огромен потенцијал од сопствените редови да исфрла соодветни партиски стручни кадри во сите сфери од опшественото уредување а изборот на кадри преку внатрепартиските избори со непосредно гласање од страна на членството е можност која сите досегашни раководства на огранокот на СДСМ во Прилеп го избегнуваат по секоја цена“-вели Стеваноски.

При последното проветрување на раководствата на ОО на СДСМ, Зоран Заев за претседател на ОО на СДСМ -Прилеп го назначи Миле Талески.