Академик Георги Старделов ја доби Светската награда за хуманизам

На академик Георги Старделов, првиот од Македонија, вчера во Охрид му беше врачена Светската награда за хуманизам

Во кругот на одбраните 14 светски великини, добитници на Светската награда за хуманизам, од синоќа влезе и академик Георги Старделов.
Високото светско признание што го доделува Охридската Академија на хуманизмот, во Куќа Уранија (МАНУ) во Охрид, на пригодна свеченост, му го врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.


Академик Георги Старделов, е првиот добитник од Македонија.
На свеченоста присуствуваа претседателот на МАНУ, академик, Љупчо Коцарев, потоа академик Вера Грозданова Битракова, како и бројни претставници на научниот, културниот и политичкиот живот од земјата и светот.


,,Вечерва кога сме „најблиску до Бога“ со чиста љубов и мисла се поклонуваме пред делото на Македонецот кој со своите величествени творечки достигнувања успеа да ја извиши нашава земја до најодалечените Светски културни меридијани.Академик Георги Старделов е четиринаесеттиот добитник по ред на светската награда за хуманизам, а прв од Македонија, правејќи не со тоа, нас Македонците исклучително горди што припаѓаме на неговиот род“-истакна градоначалникот Георгиески.


Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број јазици на петте континенти.


,,Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот“ – истакна Старделов.


Старделов во својата беседа зборуваше за големите предизвици, пред кои стои планетата земја, пред се’, од аспект на еколошкиот атак, наведувајќи ги, како што рече, библиските опожарувања во моментов во Австралија.


,,Човештвото бара нова биоетика и нова биофизија. Како да излеземе од границите на нашето време, би кажал Едгар Морен.Светот мора да се пробуди, додека не биде доцна, да му се вратиме на учењето на еден од светските великани Мартин Лутер Кинг: темнината не може да се победи со темнина, туку само со светлина, ниту пак омразата може да се побнеди со омраза, туку само со љубов и сакање“, напомена Старделов.


На свеченоста беше прочитана и Беседата за Старделов, од страна на претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџот од Лондон, кој беше спречен да допатува во Охрид.

АКО.мк (В.М.)