Ако не се променеше Уставот ќе имавме и подобар Договор, но тоа се преговори, а исходот на преговорите зависи од вкупната констелација на односи и од преговарачката и политичката моќ на самите земји. Грција има многу поголема преговарачка моќ, вели академик Таки Фити, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

.

Во МАНУ дел академици имаат сосема спротивставени ставови за прашањето за името. Дебатирате ли внатре во академијата и тешко ли е да се дојде до заеднички став за ова прашање?

 

-Кога станува збор за заеднички ставови има едно недоразбирање и тоа не е случај само во Македонија, слични проблеми имаат сите и српската академија и словенечката, јас сум разговарал со сите претседатели. За секое прашање мислат дека МАНУ треба да има став, па МАНУ не е политичка партија, МАНУ е врвна научна и уметничка институција. Од тоа треба да се тргне, не мора да се постигне едногласие за кое било прашање, дури и за најтешките и не е добро, иманентно е на научна институција да има различни погледи и сфаќања и сега не може вие да инсистирате и да натурате. Јас велам – секое поинакво мислење, апсолутно е легитимно, секој академик има право тоа да си го каже.

И покрај генералната ваша оцена дека Договорот е позитивен, сметате ли дека македонската страна можеше нешто повеќе да издејствува во текот на преговорите?

-Јас мислев дека можеше нешто повеќе да се издејствува, ако успевме со меѓународен договор да го решиме ова прашање врзано со промена на Уставот, тогаш можеби и ќе отпаднеше потребата од менување на имињата внатре во земјата, бидејќи опозицијата обвинува и тука во основа и има вистина во тоа. Тоа значи дека на еден или друг начин едно, така да речам, институционално обезличување. Има неколку институции кои го носат атрибутот македонски, како Македонска академија на науки и уметности, Македонска радио телевизија, Македонска опера и балет итн., тоа не се многу. Бидејќи тие го признаваат атрибутот македонски, како македонска култура, традиција, македонско вино.., сè е тоа во ред, меѓутоа тоа се малку институции каде што стои тој атрибут. На пример имаме Институт за македонски јазик, како да го промениме тоа, тавтологија е да напишете Институт за македонски јазик на Република Северна Македонија. Тоа се тавтологии. Нашите експерти и оние кои ги консултиравме мислат дека има некоја флексибилност за овие неколку институции можеби треба да се разговара, она што и академик Камбовски го изјави – bona fide, значи со добра волја да видиме дали може тоа да се разреши, да не се менуваат имињата на овие институции, вели Академик Фити.

,,Мислам дека ако не се променеше Уставот ќе имавме и подобар Договор, но гледате тоа се преговори и исходот на преговорите во крајна линија зависи од вкупната консталација на односи, но исто така зависи и од преговарачката и политичката моќ на самите земји. Грција е полноправна членка на ЕУ, таа има многу поголема преговарачка моќ и компромисот е што нешто мора да дадете, нешто да добиете и на крајот двете страни од нешто се незадоволни, тоа е компромис по дефиниција и сите ние тоа го знаеме“-изјави Академик Таки Фити во неделното интервју за Радио Слободна Европа.