Академик Ќулавкова се сомнева дека зад Платформата стои ВМРО ДПМНЕ

Академик, Катица Ќулавкова, возвраќајќи на барањето на академик Митко Маџунков МАНУ да ја отфрли платформата на Албанците со која се заканува редефинирање на Македонија, рече  дека последно што ѝ треба на МАНУ денес е да застане на страна на изманипулираната патриотска платформа од ВМРО-ДПМНЕ, за која претпоставува дека стои и зад организирањето на протестите.

– Сметам дека станува збор за манипулација и се сомневам дека самите ја создале Платформата за да ја задржат власта и да се амнестираат за направените злосторства кои не се само финансиски, туку и институционални и кои се однесуваат и на слободата на говор и движење во државава. Така што целиот хистерично националистички дискурс содржи тактика за дефокусирање од главниот проблем: криминалот, слободата на говор и мирниот трансфер на власта. Барањата на платформи се нереални без да бидат прифатени од двотретинско мнозонство. Затоа и не сметам дека се закана за Уставот. Затоа сметам дека првенствено тоа е алатка за дестабилизација на државата што оди во полза на заштита на досегашната власт, а не на заштита на правата на Албанците. Не ни доликува ни артикулацијата на напади кон меѓународниот фактор. Имаме ние стручни инстанци преку кои може соодветно да реагираме, затоа што сега не е време за мултиетнички конфликти. Јас го поддржувам предлогот да се повлечат секакви платформи и од албанскиот блок и од власта која одумира, а не сака да го признае тоа – рече Ќулавкова на годишното заседавање на МАНУ кое годинава е и јубилејно педесето.
Претходно, Академик Митко Маџунков побара МАНУ да ја отфрли албанската платформа. Според него,  двојазичноста води кон уништување, албанизација и муслиманизација на нашата држава и народ и институции меѓу кои е и МАНУ. Во подолг период македонскиот народ отстапува пред меѓународната заедница, соседите и сограѓаните Албанци од принципите кои се суштински за нашето постоење. Кулминација на тоа се рамковниот договор и промената на преамбулата и амандманот 4 од Уставот на Македонија, а почетокот беше со прифаќањето на срамната референца ПЈРМ. Платформата сега 100-кратно повеќе ги повредува чувствата на Македонците под закрила на меѓународната заедница и сега е ред на Албанците да се извинат за тоа. Тезата на платформата е дека Албанците се доминантен и државотворен народ во Македонија и сега бараат редефинирање на Македонија, со што би се решиле прашањата за името, јазикот, црквата и сите отворени прашања. Речиси сите точки на платформата се ултранационалистички и неприфатливи-рече Маџунков.

Според претседателот на МАНУ, Таки Фити, Република Македонија во последниве неколку години е соочена со најтешката политичка и општествена криза во периодот по нејзиното осамостојување.

–  Долгото траење на кризата продолжува да испорачува сериозни негативни последици во сите сфери на живеењето, во економијата, меѓуетничките односи, политиката, евроатлантските интеграции, демократизација на општеството и меѓународниот углед на земјата. Состојбата е премногу сериозна и тензична. Неопходно е сите политички субјекти во Македонија да разберат дека е потребна мала искра за разгорување на внатреетнички и меѓуетнички судири-рече претседателот на МАНУ Академик Таки Фити.

На предлогот на Маџунков остро се спротиставија акдемиците Албанци коио рекоа дека неговите тези се опасни, а за Академик Алјдин Абази тоа е враќање назад кон деведесетите години од минатиот век.