Академиците го претпочитаат името Академија на науки и уметности на Република Северна Македонија-МАНУ

Собранието на Македонска академија на науки и уметности-МАНУ, донесе одлука да упати мислење до Владата на РСМ, дека од двете предложени имиња Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ и Национална академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ, првото е посоодветно како име за оваа научна институција.

Од академијата истакнуваат дека таа не донесува одлука за преименување на Академијата, односно дека одлуката ќе ја донесе Владата на Република Северна Македонија, почитувајќи го утврдениот предлог на мнозинството членови на Академијата, се наведува во соопштението.

Според академиците, задржувањето на референцата на државата, односно на кратенката МАНУ, како составен дел на новото име, има суштинско значење, бидејќи од една страна е поврзано со нашите идентитетски прашања, а од друга страна со ова решение отпаѓа потребата од промена на веб-адресата на Академијата – manu.edu.mk.

Уште пред шест месеци кога се одржала научна расправа во МАНУ за Спогодбата од Преспа и кога станало јасно дека ќе мора да го промени името, раководството на Академијата инсистирало при донесувањето на одлуката да се води сметка за тоа дека Академијата е препознатлива по придавската референца „МАНУ“ и оти на веб страницата стои придавката manu, односно masa на англиски јазик. Исто така, се посочува дека Академијата е највисока институција од сферата на науките и уметностите, дека нејзината основна дејност се остварува во автономните сфери на општеството во која државата, според Уставот, има ограничени компетенции и дека станува збор за институција со поширок меѓународен углед.

– Ваквата аргументација беше во целост прифатена од Владата на Република Северна Македонија, а наиде на разбирање и кај грчката страна, наведуваат од Академијата.