Скопскиот Аквадукт, културен споменик од прва категорија, е заборавен и обраснат со  трње и  трева, а сите приоди се затрупани со ѓубре. Нема никаков патоказ кој покажува како да се стигне до него.

Оние што некако ќе се снајдат и ќе го пронајдат во близината на  Визбегово до булеварот „Словенија“ во општина Бутел, ќе се соочат со непријатно изненадување и глетка од диви депонии, прав или кал ако е врнежливо.

Аквадуктот за едни е споменик кој датира од 6 век, од времето на Јустинијан Први, а за други од 15 или 16 век. Со поддршка на фламанската влада од кралството Белгија во 2009 година Универзитетот од Лувен изработил стратешки план за рехабилитација на скопскиот Аквадукт.

Еве каков споменик на културата е заборавен од сите и претворен во место за депоонирање на секаков вид смет и шут:

На околу 1 km од Скопје, помеѓу Скопската тврдина Кале и археолошкиот локалитет Скупи, над речната долина на малата река Серава се наoѓа овој значаен културен споменик. Аквадукт преставува објект кој има намена да пренесува вода. Името произлегува од латинските зборови akva (aqua) – вода и ducere (ducere) – спроведува. Најпознати во изработката на аквадуктите биле Римјаните. Скопскиот Аквадукт е изработен со голема умешност и прецизност, од камен и тула. Аквадуктот има должина од 384 метри, 54 главни сводови издигнати на масивни столбови и 42 мали отвори кои служат за олеснување од тежината . Според некои истражувачи, Аквадуктот бил изгрaден во VI век за време на владението на Јустинијан Први, додека други сметаат дека е направен подоцна во XV век. Овој грандициозен објект бил во функција до крајот на XIX век. Во 1669 година, патeписецот д-р Браун запишал дека “аквадуктот е прекрасен стар објект, кој на ова место му носи голема почит”. Според Прокопиј, водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 година. Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли Ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на XV век, од страна на Мустафа – Паша, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува. Како и да е, овој објект имал значајна функција за тогашното население да ги снабдува со најсветото нешто – водата. Се смета дека низ аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора.

Овој споменик со извондредна убавина, денес за жал е оставен на забот на времето и несовесните граѓани кои трагајќи по скриени богатства, на некои места видно го оштетиле. Во време на изградбата на нови споменици, овој прекрасен споменик од минатото е неправедно запоставен. Денес, иако геотехниката е доста напредна, овде плитките и површински атмосферски води секојдневно ги поткопуваат темелите на споменикот, од што неговиот опстанок е загразен. До споменикот нема уредени патеки ниту патокази, меѓутоа сепак вреди да се потроши некој час од своето време и да се почуствувате како дел од минатото крај овој вреден културен споменик. И секако надлежните мора итно да ја исчистат околината да ја ревитализираат и неа и аквадуктот и да го остават во наследство на следните генерации.

АКО.мк