АКО… сакаш да уништиш држава, уништи го образованието

 

Две книги, две држави, исти проблеми

 

Моево денешно писание се однесува на основата на секоја држава. Образованието.

Многупати ги повторував кусите реченици кои докрај никој не сака да ги разбере. Некој се согласува со првата, некој со втората…. Но, основата е во нив кога се сите заедно.

Ако сакаш да уништиш држава, уништи го образованието.

Ако сакаш да уништиш образование, уништи ја науката.

Ако сакаш да уништиш наука, уништи ги архивите.

Кај нас е уништено се. И. Нема држава.

Ај, по ред.

Долго време се занимавам со прашањето за практикувањето на Болоња системот во високото образование, но до сега никогаш не наидов на сериозен соговорник во Македонија. Соговорник кој ќе говори отворено за нашите проблеми, но и да побараме начин да се извлечеме од тињата во која со години дишиме со цевче над површината.  Затоа пак, вон Македонија наголемо се говори за ефектите, предностите и предизвиците во врска со Болоња процесот. И така, чепкајќи по информациите на Интернет дојдов до информација за една конференција која се одржа во Коњиц, БиХ во организација на Високата школа за туризам и менаџмент. На конференцијата во 2015 година  отидовме со една колешка, се разбира со сопствени средства, и имавме што да видиме. Додека ние се расправавме за пенкалца и спојувалки, светот говореше за проекти, за сериозниот пад на професорскиот дигнитет во однос на политичарите итн. итн. Но, најмногу од се, дискутиравме за примената на Болоњскиот систем во високото образование.

И бидејќи, тогаш бев член на Сенатот на УКИМ решив со едно писмо да го предизвикам ректорот Велимир Стојковски да ја отвори дебатата за Болоња и сред македонската професорска фела. Писмото, кое е дел од мојата лична архива, не виде бело видело ниту на седница, ниту меѓу другите сенатори. Оти така беше решил, никој друг, туку неговата светост, севишниот.

Но, Болоња, можете да ја ставате под тепих, ама еден ден ќе засмрди и ќе го скапе тепихот. Тоа и ни се случува. Сега, денес, овде.

За среќа некој тоа и го видел и го напишал. Така дојдов до две исклучителни книги преку кои сакам да ви го доловам и моето мислење на оваа тема. За моја среќа, првата е од македонски автор, а втората од босански. Едната книгата е од проф. д-р Илија Ацески со наслов „Унивезитетот на распаќе-студентски одговор на реформите во високото образование“, Скопје 2016, 223.

После прочитувањето на овој труд имате само еден впечаток дека книгата на проф. д-р Ацески го огледува реалниот лик на македонското високо образование, лик виден во огледалото од многу агли. Иако акцентот е ставен на Болоњската декларација и пристапувањето на Македонија кон Болоњскиот процес, авторот сеопфатно го насликал секојдневието на македонското високо образование, изгубено во желбата да биде европско по бројот на дипломите, ама, заостанато и провинциско по знаењата. Секоја чест на исклучоците.

Читателот, за да ја сфати поентата на трудот, темелно е запознат со Болоњската декларација која е потпишана од  400 ректори во 1988 година. „Овој документ се темели на четирите основни принципи: морална и интелектуална автономија на универзитетите во однос на политичката и економската сила на влијание, обезбедување на врска меѓу наставата и економската сила на влијание, обезбедување на врска меѓу наставата и истражувањето, слобода во истржувањето и предавањето и – универзитетот е носител и чувар на европската хуманистичка традиција според универзално значење“.

Но, дали и колку овие вредности заживеаја во македонското високо образование?

Според мислењето на проф. д-р Ацески овие прашања имаат многу одговори, но ниту еден од нив не оди во полза на позитивното. Токму затоа и ги дополнува прашањата со ново: „Дали субјектите на реализацијата на „Болоња“ се свесни за тоа што се случува во Македонија: хармонизација со образованието во Европа или се оди во обратна насока… Дали Болоња стана синоним за кризата во високото образование, нешто со кое се затскриваат голем дел од слабостите во образованието. Ако не чини нешто, тогаш тука е Болоња и ЕКТС системот!“.

Така, изобличувањето на процесот на студирање, доведе до изобличување и на последипломските и докторските студии во Македонија. На тој начин дојдовме до состојба на обезличување и обезвредување на дипломите од сите три степени на високото образование. На тоа најмногу кумуваше државата која штедро го масовизираше студирањето со отворање на нови факултети и Универзитети, дисперзија на определени групи и факултети надвор од Скопје кон внатрешноста без какви било сериозни анализи за нивната оправданост. Ако кон ова се додаде и фактот дека истите оние институции во државата чија примарна задача е грижата за образованието, целосно потфрлија со примената на Болоња системот, а при тоа форсираа и глорифицираа масовно запишување на факултети ( до 93% од матурантите во Македонија), станува јасно дека вредноста на високото образование стрмоглаво се урна. Студентот седна на пиедесталот, а професорот негов поданик.

Во тој контекст, д-р  Ацески ќе забележи дека „…Несомнено, состојбата во која студентот се доживува како `купувач` во голема мера ја обезвредни традиционалната улога на факултетот, и воопшто процесот на студирање – учење, и на сите институции каде тоа се доживува на таков начин. Но, тоа е и ситуација каде студентот како купувач себеси се ослободува од одговорност за проблемите кои се појавуваат во процесот на студирање, таа е на страната на оној кој дава услуга. Дури и оценувањето на професорите од страна на студентите во тој контекст може да биде проблематично, за тоа кој е `добар` професор? Ако дојде до судир помеѓу професорот и студентот, најчесто формираат комисија за испити (тоа се случува на некои факултети), професорот се исклучува од дел од неговите надлежности,  со цел да се зголеми проодноста на студентите во погорните години. Едноставно, оној кој `купува е целосно во право`. Тој си ја платил услугата, и за тоа си го бара производот, во овој случај `дипломата`. Тоа е логиката на купопродажбата.“

Токму во исчашеноста на логиката во главите на „купувачот“ на диплома, лежи и прашањето за квалитетот на потребното знаење и добиеното знаење. Но, во воспоставениот систем на „невредности“ во македонското високо образование многу значајно е да се разглоби и тезата за компарирањето на квалитетот на образованието. Имено, многу е битно да се прецизира што е квалитет и во однос на што? И тука има неколку перцепции. Првата е дека дипломираниот студент има „лозинка“ в ракав за вработување, има можност да добие повисока позиција од лица со иста диплома, ама без потребна политичка профилација, а оние кои навистина го познаваат квалитетот се наоружуваат со знаења кои ги изнесувaат од Македонија. И пак, лебди прашањето кому му се наменети кадрите со „купени“ дипломи? Одговорот е толку едноставен што е срамно да се изусти.

Во книгата на проф. д-р Илија Ацески сретнавме и различни искуства од држави во кои се применува Болоњскиот систем на образование. Меѓу другите, Ацески го посочува и примерот со Босна и Херцеговина, анализирајќи повеќе трудови на колеги од Босна и Херцеговина. Заеднички именител на сите е дека „… Во Босна и Херцеговина Болоњскиот процес на образование не ги исполни очекувањата, ниту реформата е адекватно спроведена“.

Ние, сакајќи да ја погледнеме општата слика на високото образование во БиХ ја зедовме книгата на проф. д-р Рефик Шеќибовиќ насловена како „Тврдина на досадата“ (Tvrđava dosade, Beograd 2016, 145). Сушност, тоа е втората книга која многу отворено говори за безнадежната состојба во која е донесено високото образование во државите кои произлегоа од поранешната југословенска федерација.

Како што ќе каже авторот уште во предговорот, овој труд е продолжение на неговиот претходен труд насловен „Тврдината на ловците во матно“, а се однесува на тоа како универзитетот се претвори во „тврдина на досадата“ за студентите. Проф.  д-р Шеќибовиќ во својот труд говори за просторот кој денес, во политичкиот речник, најчесто го препознаваме како Југоисточна Европа. Бидејќи, ниту авторот, ниту книгата не се стандардно стереотипни, заклучокот го читаме на почетокот од книгата. Тој гласи „… високото образование во Југоисточна Европа е систем кој треба што побргу да се урне, и тоа само на еден начин – со затворање на ваквите државни универзитети. Тоа е единствениот начин за  да се смени сериозно начинот на размислување за тоа како овие земји можат да се приклучат кон глобалната сцена на високото образование. Создавањето нови институции и нови системи кои нема да личат на претходните, се предуслови дека високото образование во овие земји на транзиција ќе ја добие општествената функција која сега ја изгубило.

Младите денес масовно  ги напуштаат овие простори и тоа е нивниот одговор на неуспешноста на овие институции. Тие не можат да се бранат дека вината е само кај политичарите, академската заедница на овие простори е првиот виновник за тоа што нивните студенти мораат да бараат работа на други простори. Тие имаа механизми да ги натераат политичарите да се позанимаваат со проблемите на младите, но личните интереси и позиции во политичкиот свет им беа поважни од резултатите на нивната работа. Затоа младите им го дадоа одговорот – дека не сакаат да бидат во таква средина и со таква академска заедница…

…. Тука е крајот на нашето образование, пред се на државното, бидејќи приватното произлезе од него и тоа не е ништо друго туку многу полоша копија на лошиот систем. Затоа системот треба да се смени од основа, а тоа се државните универзитети“.

Ваквиот заклучок, проф. д-р Шеќибовиќ го образложува во продолжение на својата книга. При тоа, се осврнува и на прашањето за европеизацијата на високото образование и идеолошките манипулации. Секако, промените во образованието беа и се уште претставуваат интересна тема за образботка меѓу новинарите. И за тоа, проф. Шеќибовиќ има своја оценка, според која „… Медиумското оценување на модернизацијата во образованието се претворило во сензационалистичко известување и претставува една од најголемите политички манипулации, која се базира само на верувањето дека системот треба да се урне поради ефтините политички цели…. Затоа медиумите добија политичка задача да ги вреднуваат успесите и неуспесите на образовниот процес. Така ни се случи секој да вреднува нешто, а никој да не гледа што се вреднува“.

Како и проф. д-р Ацески, така и проф. д-р Шеќибовиќ голем дел од својот труд посветува на квалитетот на образованието. При тоа, тој го поврзува квалитетот на наученото со неговата примена во општеството, при што објаснува дека квалитетот на високото образование има многу компоненти, како економска, политичка и педагошка. Посебен акцент во оваа книга е даден на политичката компонента, или како што смета проф. Шеќибовиќ за многуте примери „… во кои политичарите ги искористиле алатите на Болоњакиот процес не за реформа на високото образование, туку за јакнење на своите позиции и воведувањето на коруптивни облици на работа во образованието. Да речеме, примената на акредитацијата е одличен пример: едни правила има за државните факултети и унивезритети, а сосем поинакви за приватните и странски (овие вториве баснословно мораат да плаќаат). Така, акредитацијата стана своевиден `рекет` на политичките органи, наместо да биде заштита на квалитетот“. Особено голем проблем во високото образование претставува и неговата бирократизација, која го јаде одвнатре самиот процес на високо образование. На тој начин, покрај другото се доаѓа и до конфликтност меѓу професорите во одредени средини, внатре во институциите и постигнува нов ефект кој значи поттикнување на се поголема и поголема затвореност кон јавноста. Друг е проблемот што информациите кои стигнуваат до јавноста во најголема мера не ја одразуваат вистинската состојба во институциите, туку обврската на одделни лобии и група на професори кон политиката. На таквиот сервиле однос на професорската фела кон „новопечените“ политичари, проф. Шеќибовиќ ќе забележи дека „… Професорските лоби групи во голема мера се однесуваат како и политичките партии, се потпираат на вработување на послушници и на нивно инструментализирање и со тоа им даваат долготраен печат на затворените државни институции. Ваквиот систем на селкција на `послушните` овозможува апсолутна зависност од професорите. Меѓутоа, послушните, кога ќе станат наставници, со сите сили сакаат што побрзо да ги истераат професорите во пензија и да ги тргнат од Универитетот, дури и на секој начин да ги понижат. Послушничкиот систем во голема мера, всушност, гради рамнодушни, мрзливи и некреативни наставници, кои сакаат само да го сочуваат статус квото – затвореност по секоја цена“.

Ваквата констатација на двајцата професори јасно говори дека „послушниците“ се „послушни“ само додека им треба отскочна штица за напредување во кариерата. Потоа газат се пред себе во „квалитетното“ искачување кон професионалниот врв. Исто така, заеднички се и бројните констатации за комерцијализацијата на високото образование на просторите од поранешната ју-држава.

Но, и во двете книги, најсилно е изразено чувството за губењето на здравиот квалитеттн студент, кој несакајќи да биде полтрон или „послушник“, решава да побара подобри студии вон матичните држави. На тој начин, од една страна се осипува здравиот кадар, од друга лошите наставници немајќи што да понудат како знаење, нудат површност и провинцијализам при предавањата. А за нивните заменици, асистенти и да не говориме. Досега искуството говори во насока на кинеската поговорка дека „На малиот му е потребен уште помал од него, за  да тој се чувствува голем“.

Општ впечаток е дека на нашата академска јавност и се неоходни вакви трудови, каде критиката и самокритиката се ставаат во контекст на подобрување на денешното крајно понижено и обезвреднето високо образование во Југоисточна Европа, каде спаѓаат и Македонија и Босна и Херцеговина.

Ако ги прочитате овие книги ќе ви стане јасна затвореноста на македонските образовни и научни институции. А секако, најјасно ќе ви стане зошто Ректоратот на УКИМ има севишен, а не ректор.

 

проф.д-р Катерина Тодороска