АКО…

АКО…
… реагиравме навреме немаше да умрат 90 бебиња.

За да можам да ви ја доловам мојата денешна мака, прво ќе ви раскажам една од многуте приказни на татко ми Ѓоре Шнајдерот.

Во еден двор имало голема јаболкница. На нејзиното стебло била потпрена голема скала. Најмалото и најразгалено дете на стопаните на дворот сакало да скине јаболко, па тргнало нагоре по скалата. Се качило на првото скалило, се обѕрнало лево-десно и бидејќи никој не го прекорил, се качило на второто скалило. Очекувало дека некој ќе го удри по нога, ама бидејќи повторно никој не го прекорил, продолжило да се качува. И така, скалило по скалило детето стигнало најгоре на скалата до врвот на јаболкницата. И како херој на искачувањето, со целата сигурност во себе, со двете раце посегнало да скине јаболко. Во истиот момент се струполило на земја.

АКО некој некадарник навреме не го чукнете по нога, тој ќе се качува по скала до врвот. Има шанса да му овозможите да се струполи, а притоа себе си да си нанесете изгор на душата.

А сега, мојот дел од приказната.

Денеска, одејќи низ Чаир забележав билборд од кој ми се слоши.

Од него ми се смешка, никој друг, туку суратот на оној кој на душа носи 90 бебиња во третото тромесечие од 2016 година. Со оглед на моето неверување во бројките кои ми ги сервира сервилниот Завод за статистика, си велам, можеби се и повеќе. Но, цифрата која морале да ни ја сервираат сервилните е застрашувачка. Но тој, бессрамно се смешка и ни објаснува дека со него би ни било подобро. Кога?

И почнав да се прашувам, како ли би се чувствувало некое семејство кое, заради овој сурат, олицетворен како министер за здравство, имало едно од тие 90 умрени бебенца? Треба да е тортура, катадневно од пенџере да ја гледаш сликата на таа маска на која нема ни грам кожа за да поцрвенее. Ама нему, нему Господ не му делил срам.

Или вака.

АКО…
…. ние бевме народ од моментот на првата умрена трудница, ќе го фатевме за уши и ќе го витвитосавме од Министерството за здравство. Напротив, дозволивме да ги оставаме нашите деца во рацете на суратот, да ги броиме трагедиите на „оние“ додека нам не ни зажежи. Ама, Господ гледа.

…. ние ја сфатевме сериозноста на ситуацијата на прерано починатата Тамара, ќе го откорневме од саканата му фотеља на министерот за здравство. Напротив, дозволивме уште многу дечиња прерано да ни заминат бидејќи дозволивме сурато да решава кој ќе живее, а кој не. Ама, Господ гледа.

… ние имавме минимум разбирање за барањата на лекарите и медицинскиот персонал низ Македонија ќе се приклучевме кон нивниот штрајк и ќе се боревме за нив, но и за себе. А тој, министерот за здравство ќе коленичеше пред силата на белиот мантил. Напротив, ние дозволивме белите мантили да бидат понижени, а првиот човек на нивниот синдикат да биде влечкан по судови. Ама, Господ гледа.

… ние сфатевме дека клиниките и болниците се празнат, НЕПОВРАТНО се празнат од лекари-специјалисти, ќе излезевме и ќе ги поддржевме барањата на специјализантите да им се плаќа времето поминато во доусовршување. Тоа ќе ни се вратеше тогаш кога нивната помош ќе ни беше повеќе од неопходна. Ама, тоа е нивен проблем, не наш. Наш ќе биде кога ќе врескаме од болка по некој близок, а умрен од негрижа или незнаење на тој што треба да помогне. Ама, Господ гледа.

… ние сфатевме колкава е играта со „професорите“ кои требаше да ги едуцираат нашите лекари за вртоглави суми, дури и да оперираат за вртоглави суми. Но, уста не отворивме да прашаме каде се нашите професори од медицинските науки, оние кои до вчера ги едуцираа нашите генерации и генерации лекари? Зошто да плаќаме вртоглави суми за нешто што можат да го дадат наши луѓе? Само затоа што на суратот не му чинеше да ги покани оние кои избегаа од Медицинскиот факултет поради неговото незнаење и понижувањето кое го трпеа. И така, дозволивме лека полека, да ја испразни секоја клиника на Медицински факултет од најспособните кадри. Ама, Господ гледа.

… ние креневме глас против потценувачки малите плати на лекарите, оти оние што ќе знаат и што ќе работат за нашето здравје треба да бидат вреднувани соодветно на работата. Ни „учиникот„ на учинетиот ги испрати оние што знаат таму каде што ги почитуваат и вреднуваат. И нас не остави без основното, правото на квалитетно државно здравство. Ама, Господ гледа.

… ние креневме глас заради неискористеноста на медицинските машини кои со години скапуваа по визби на медицинските установи, оти… Ама, ние си муабетевме по канцеларии, по паркови за залудно фрлените пари. А тој, фрлаше и се расфрлаше во име на нашето здравје. Ама, Господ гледа.

… ние тресневме на маса за гнасотиите во тоалетите по болниците во државава, за инфекциите на болните, за мизерните оброци за пациентите во државните болници. Ама, ние го оставивме да ги одредува приоритетите, а нему секако приоритет не му е нашето здравје. Ама, Господ гледа.

АКО, е многу силен збор.

Денеска се сетив колку многу приказните од татко ми имале значење. Ако навреме се реагира на грешката, нема можност за нејзино повторување, ниту можност за нова, секоја пострашна од претходната, секоја поболна од претходната.

На дотичниот од билбордот, со толку многу направени „грешки“, му посакувам да има долг живот поминат во рацете на кадарот кој го остава по државните болници.

Некои од вас можеби се атеисти, ама јас, атеист не сум, бидејќи носам болки од сите премолчувања.

проф.д-р Катерина Тодороска