Активисти за заштита на животните, со герила акција побараа од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и на Општина Аеродром, Златко Марин, да престане малтретирањето и убивањето на бездомните животни.

Тие ја искористија средбата организирана од градоначалниците со жители на Аеродром, за да им покажат дека нема да дозволат да помине неказнето злосторникот кој вчера со секира, пред зграда во Аеродом, масакрираше и уби две кучиња, инаку миленици на дел од локалните жители со години.

Со транспаренти ,,Можевме и со секири,место транспаренти“, ,,Никогаш повеќе трпение за вашите гнасни лаги“, како и со маички на кои беше испишана пораката ,,Се чувствуваш ли безбедно“ и прикажани лица со пиштол, нож и пушка како убиваат куче облеано со крв, граѓанските активисти покажаа дека не веруваат веќе на бројните лаги дека ќе се направи нешто за бездомните животни.

Градоначалникот Шилегов се согласи дека масакрот на двете кучиња во Општина Аеодром е една од најстрашните слики што ја видел.Рече дека МВР трага по сторителот и дека за првпат е ангажиран одделот за крвни деликти. Се надева дека сторителот брзо ќе биде пронајден и казнет.

И на овој собир можеа да се слушнат жители на кои не им пречи убивањето животни и на граѓанските активисти им порачаа кучињата да си и носат дома.