Албанија е ,,шампионот“ во најновиот извештај на ЕК, Македонија ќе добие безусловна препорака

Европската Комисија  се очекува да препорача безусловен старт на преговорите за Македонија. Ова се наведува во нацрт извештајот за Македонија, до кој дојде МИА. Сепак, извори во Брисел предупредуваат дека формулацијата, може да биде променета во последен момент.

– Во светло на постигнатиот напредок, ЕК препорачува преговорите за членство да започнат со Поранешната југословенска Република Македонија. Одлучувачки ќе биде задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. Со цел да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во делот на извештајот на ЕК што се однесува на нашата земја.

Пред два дена , Радио Слободна Европа објави детали од извештајот, во кој,  „шампион во регионот е Албанија, а Македонија ќе добие препорака за отворање на пристапните преговори и позитивни оцени за новата влада.

„ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот заробени држави. Јавната управа во државите до регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување“, стои во извештајот во кој увид имале дописниците на РСЕ во Брисел.

Во извештајот повторно се нагласува дека „билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција, и во претходниот период не е постигнат ниту еден резултат во решавање отворени прашања меѓу соседите“.

Македонија – позитивни оцени за новата влада во Скопје

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“.

Во извештајот за Македонија, јавуваат дописниците на РСЕ од Брисел, се предупредува дека „штетата која се правела години на назад не може да се среди преку ноќ“, но дека Македонија ја надминала длабоката политичка криза и дека структуралните реформи се долг процес кој може да потрае.

Во истиот нацрт-извештај за Македонија се нагласува дека за понатамошен напредок на земјата од одлучувачка важност се задржувањето и продлабочувањето на процесот на донесување на итните реформски приоритети.

Албанија – регионален „шампион“

Овогодишен „шампион“ ќе биде Албанија која ќе добие препорака за отворање пристапни преговори, а за Косово во извештајот се потенцира дека „почнатите реформи биле забавени од развлекувањето на изборниот процес“.

За Црна Гора е нагласено дека „има напредок на хартија, а во пракса заостанување“. Забавување на реформите е констатирано и во Босна и Херцеговина.

На Србија ќе ѝ биде препорачано дека до ЕУ може да стаса со реформи и со дијалог.