Албанскиот претседател ѝ ја честиташе на Македонија безусловната поддршка од германскиот Парламент

Со критики упатени на сопствена сметка, албанскиот претседател, Илир Мета, преку социјалните мрежи ѝ ја честиташе на Северна Македонија безусловната поддршка од германските пратеници за почеток на преговорите со ЕУ.Тој упати посебна благодарност до Бундестагот, особено групата ЦДУ-ЦСУ за нивната сериозна посветеност за поддршка на интеграцијата на Албанија, пренесува МИА.

Во објавата на Фејсбук , Мета пишува дека сега итно треба да се започне со работа за решавање на длабоката политичка криза и исполнување на условите поставени од Германија.

-Сега итно да се работи на брзо решавање на длабоката политичка криза и исполнување на 9 јасни критериуми! Доколку навреме се послушаа нивните совети, денес би донеле безусловна одлука како за Северна Македонија. Честитки Северна Македонја,напиша Мета.

Ова е прва официјална реакција во Тирана по одлуката на Бундестагот.

Република Северна Македонија вчера доби силна у безусловна поддршка од германските пратеници за почетокна преговорите со ЕУ.

Со големо мнозинство гласови „За“ пратениците во германскиот Бундестаг дадоа зелено светло за почеток на пристапни преговори на С. Македонија со ЕУ.

Во дебатата која траеше нешто повеќе од половина час, пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори на Скопје и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион.
Во делот за С. Македонија владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека С. Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права, пренесе Дојче Веле.