Александар Вучиќ се подготвува за Претседател на Србија?

Во соседна Србија топ тема деновиве е најавата на некои коалициски партнери на Српска напредна странка дека на претседателските избори на пролет треба да се кандидира актуелниот премиер и лидер на напредњаците Александар Вучиќ.

Нагаѓањата дали е ова најава за неговата кандидатура, ги подгреа изјавата на министерот Александар Вулин кој изјави дека за Србија е најдобро Вучиќ да се кандидира, бидејќи него народот го сака и тој ќе победи уште во првиот круг.

Но, пред него и членот на СНС Владимир Ѓукановиќ типуваше на Вучиќ, бидејќи, како што рече, тој има најголеми шанси за голема и брза победа.

Вулин пак, кој е министер за труд во Влада на РС, изјави дека Вучиќ ќе ја добие поддршката од неговата партија , помал коалициски партнер во владата.

Александара Вучиќ засега молчи, но во прилог на овие претпоставки дека може да се кандидира за Претседател на Србија оди и однесувањето на актуелниот Претседател Томислав Николиќ кој неколку пати кажува во јавноста дека би сакал да добие шанса за втор мандат, но дека тоа зависи од одлуката на СНС и на Вучиќ дали ќе му дадат поддршка. Засега нема таква поддршка.