Ал Џезира: Македонија на добар пат кон ЕУ, Албанија заостанува

Северна Македонија ќе ја добие поддршката на земјите членки на ЕУ за почеток на преговорите кон крајот на оваа година, тврдат неименувани дипломати за повеќе медиуми, пренесува Ал Џезира.

Но, тоа не може да се каже за Албанија која заостанува и за која негативно се изјаснуваат Германија, Франција и Холандија.

Згора на тоа, Холандија веќе покрена институционална постапка за враќање на визите за Албанците.

Иако 13 земји членки на ЕУ и формално поднесоа барање пред Европската комисија на Самитот на 21 и 22 јуни да се одобри датум за почеток на преговорите , тоа нема да се случи поради противењето на клучните играчи во ЕУ за Албанија , која наместо да напредува , е во длабока политичка криза, пренесува Ројтерс.

Настојувањето на дипломатите е Македонија да добие датум за преговори во септември и да се раздвои од пакетот со Албанија.

Ова уште повеќе, бидејќи е извесно дека на почетокот на 2020 година Северна Македонија ќе стане членка на НАТО.

За Албанија, која е веќе во НАТО, има бројни забелешки, а Транспаренси интернешенел во последниот извештај ја наведе очајната состојба во оваа земја на полето на корупцијата.

,,Македонија направи историски чекор со промена на името и тоа ќе биде соодветно вреднувано“, изјавил неименуваат дипломат, пренесува Ал Џезира.