Американската амбасада во Скопје, само еден час по издаденото соопштение од МВР објави драматично соопштение во кое предупреди на можни терористички напади во Македонија од припадници на ИСИС. Како можни цели се трговски центри и места каде има поголема фреквенција на луѓе. Од амбасадата објавија дека нападите може да бидат и со лесно оружје, пиштоли и слично. Покрај предупредувањето, се даваат насоки за превенција и дејствување на државните органи:

,,Има зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија во Северна Македонија. Терористички организации и поединци имаат намера да напаѓаат цивили, вклучувајќи и американски граѓани кои патуваат во странство. Терористите сѐ повеќе користат помалку софистицирани методи, вклучувајќи пиштоли, возила и ладно оружје, чија цел е народ (поголеми групи луѓе) на јавни места. Терористички напади и други безбедносни инциденти често се случуваат без какво било предупредување, па американските граѓани се предупредуваат да одржат високо ниво на будност. Екстремистите сѐ повеќе имаат цел да одберат и нападнат „лесни цели”, како што се шопинг молови и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, училишта, паркови и места каде што се одржуваат јавни настани (спортски натпревари, политички собири, демонстрации, собири за празници, прослави и сл.)“, соопштуваат од Амбасадата на САД. 

Се повикуваат властите и населението да бидат внимателни, што подразбира дополнителна будност на локации што се сметаат за „лесни цели” и на локации со многу народ.

Од амбасадата објавија и контакт за евентуална помош.

Американска амбасада во Северна Македонија
+ (389) 2-310-2000

SkopjeACSMailbox@state.gov
https://mk.usembassy.gov

Претходно, МВР објави соопштение во кое информираше дека презеле мерки и спречиле евентуален терористички напад.

Министерството за внатрешни работи по претходно разменети оперативни сознанија со партнерска земја, во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС, спроведе оперативно-тактички мерки со цел идентификација на можните организатори, логистичари и потенцијалните извршители на нападот.

Заради попречување на терористичкиот напад и остварување на превентивната функција, Министерството за внатрешни работи изготви план на мерки и активности, за што обезбеди соодветни наредби за нивно спроведување. По добиените наредби на неколку локации на територијата на државата извршени се претреси при што се одземени предмети и уреди кои се поврзани со можниот напад. Министерството за внатрешни работи продолжува да спроведува дејствија, мерки и активности со кои се работи на осигурување на безбедноста на граѓаните, се вели во соопштението на МВР.