Амбасадорот Бејли возеше трактор и комбајн во битолско Логоварди

На прославата  на стогодишниот јубилеј од производството на првиот трактор „Џон Дир“, американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, се качи во него и малку се провози низ ораницата во битолско.

Бејли имаше можност  да се увери во квалитетот и достигнувањата на земјоделските машини на „Џон Дир“. Придружуван од Миле Најдовски, менаџер за пост- продажба во Синпекс, американскиот амбасадор возеше „Џон Дир трактор  8370 R“  со автоматско сателитско управување, а за прв пат влезе и  во комбајн.

Настанот  се одржа на спортскиот аеродром во Логоварди, битолско,чии покровители  беа американската компанија „Џон Дир“, Синпекс-Битола и ЗК „Пелагонија“-Битола.

-Компаниите „Џон Дир“, Синпекс-Битола  и ЗК„Пелагонија“-Битола  побудуваат  интерес за македонското земјоделство како лидери во своите области и можат да претстават новини кои би можеле да го водат земјоделството напред. Токму овие три фирми можат и треба да бидат лидери на прогресот на земјоделската механизација во Македонија, рече во обраќањето генералниот менаџер на Синпекс Битола, Синиша Петровиќ.

Во обраќањето пред присутните амбасадорот рече дека македонското земјоделство заслужува висока репутација.

-Земјоделството го гледаме како интересен сектор за вложување во Република Македонија. За инвеститорите Македонија е интересна не само за високата  технологија и рударство туку и за земјоделство. Особено е важно присуството на американските компании во македонското стопанство, рече амбасадорот Бејли.