Во рамките на работната посета на Бразил, државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски, во Бразилија имаше средба со номинираниот министер за надворешни работи на Бразил, Ернесто Араужо, кој  ќе стапи на функција на 1 јануари 2019 година, со инаугурацијата на новоизбраниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

Честитајќи му на именувањето на идниот министер Араужо,  Димовски изрази уверување дека ќе продолжи нагорната линија во развивањето на билатералните односи помеѓу двете пријателски земји и му ја пренесе поканата од МНР Никола Димитров за посета на Македонија во првата пригодна можност, соопшти МНР.

Според МНР, министерот Араужо ја подвлече важноста што Бразил ја придава на односите со земјите од нашиот регион и во тој контекст и со Република Македонија.

,,Заеднички беше искажано задоволството од особено конструктивната и блиска соработка во рамките на мултилатералните организации, со заедничка заложба истата да продолжи и во иднина.

Едновремено, министерот Араужо истакна дека очекува интензивирање на економската соработка, со посебен акцент на овозможување на директни контакти помеѓу бизнис-заедниците помеѓу двете земји.

Државниот секретар Виктор Димовски присуствуваше и имаше пригодно обраќање и на свечениот прием во македонската амбасада во Бразилија, приреден во чест на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Бразил, на кој присуствуваа високи претставници на бразилската влада, претставници на дипломатскиот кор и личности од јавниот и политичкиот живот на Бразил“-се вели во соопштението.

Амбасадор на Република Македонија во Бразил  е Ивица Боцевски, кој присуствуваше на средбите и приреди прием во македонската амбасада во Бразил.