Американска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Калифорнија

НА 3 МАРТ НА ФЕСТИВАЛОТ СИНЕКВЕСТ ВО САН ХОЗЕ ќе се случи 

 

Американска премиера на „Бикини Мун“ на Манчевски во Калифорнија

 
Најновиот филм на Милчо Манчевски – БИКИНИ МУН,  на 3 март ќе ја има американската премиера на фестивалот Синеквест во Сан Хозе, Калифорнија.  Филмот, кој е американско-германската копродукција, ќе биде прикажан четири пати во програмата Живот, која го најавува филмот со зборовите „Царствата на умот се бескрајни и чудесни“.

 Реномираниот Синеквест е избран за најдобар филмски фестивал од читателите на „УСА тудеј“ и се одржува во Силиконската Долина.

 Изминатава недела, петтиот игран филм на Манчевски ја имаше европската премиера на Фантаспорто во Порто, Португалија и на белградски ФЕСТ, каде режисерот е на чело на меѓународното жири. На ФЕСТ беше прикажан и документарец за творештвото на Манчевски.

 Во текот на март БИКИНИ МУН ќе игра и на еден од најголемите американски фестивали на независен филм во Сарасота, а во Европа ќе се прикаже и на фестивалот во Софија.

 Кондола Рашад – која беше три пати номинирана за бродвејската награда Тони (РОМЕО И ЈУЛИЈА со Орландо Блум, КУЌА ЗА КУКЛИ – ВТОР ДЕЛ) и која во моментов игра во серијата МИЛИЈАРДИ – ја глуми Бикини Мун Дејвис. Бикини е харизматична жена војник со психички проблеми која го привлекува вниманието на документарна екипа; тие сакаат да ја искористат нејзината приказна за сопствена слава. Во оваа модерна бајка која се потпира врз нарушениот идеал за семејство настапуваат и Сара Голдберг, Вил Јановиц и Сатја Сридхаран, а директор на фотографија е Џошуа З. Вајнастајн.

 „БИКИНИ МУН е психолошки портрет кој има формат на лажен документарец и зборува за тоа како медиумите (вклучувајќи го и филмот) го експлоатираат поединецот. Денес секаде и секој снима и тоа го гледаме сите: од прислушување и безбедносни камери до самослик на Фејсбук. БИКИНИ МУН, како и моите досегашни филмови зборува за природата на вистината, лагата и илузијата“, изјави Манчевски.

 БИКИНИ МУН ја имаше светската премиера на фестивалот во Сао Пауло каде ја освои бразилската критика. „Брилијантен авторски филм“, „Милчо, провокативен како и секогаш, прави особено оригинален и силен коментар за информатичкото општество“,  „Делото на Манчевски флертува со надреализмот со цел да ја прикаже стварноста. Тој е режисер-филозоф“, напишаа меѓу другото бразилските критичари.

 Манчевски, кој дипломираше на филмска академија во САД, ја започна професионалната кариера со филмови и спотови во Њујорк, каде и живее, освојувајќи ја и нагрaдата на Ем-Ти-Ви. После Номинацијата за Оскар и наградата Индепендент спирит, соработуваше со холивудските студија и работеше на серијата THE WIRE за Ејч-Би-О. Неговиот филм ПРЕД ДОЖДОТ е најнаградувано македонско уметничко дело (Златен лав во Венеција и уште 30 други меѓународни награди), а „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. Неговиот последен македонски филм, „Мајки“ е снимен пред осум години, а во меѓувреме тој го сними кубанско-американски експериментален филм КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО кој освои четири меѓународни фестивалски награди и БИКИНИ МУН.