Ана Павловска Данева: Непотребни се преговори, секој родител има должност да го вакцинира своето дете

Професорката на Правен факултет, Ана Павловска Данева, во својата последна колумна за Независен весник се осврнува на стостојбата во образованието, посебно во високото образование, каде и покрај новиот закон донесен пред една година, ништо не е променето.

Но, таа укажува на неприфатливиот однос и справувањето на проблемот со вакцинирањето.

Нема што да се преговара со антиваксерите, едноставно сите деца мора да се вакцинираат, вели Данева:

,,Има уште многу да се зборува за состојбите во македонското образование. Уште повеќе може да се работи во оваа област. Но во овој момент се чини побитна една состојба која ги тангира едновремено основното образование и здравствената заштита. А, тоа е задолжителната вакцинација и нејзиното спроведување. Читаме и гледаме како министри од речиси сите ресори се трудат да преговараат, да се убедуваат и да ги измолат антиваксерите да ги вакцинираат своите деца со задолжително пропишаните вакцини.

Во меѓувреме заради филмот во кој се влезени и живеат овие луѓе, заради нивното помодарство, а најмногу поради неедуцираноста и неукоста, речиси секојдневно од морбили се разболуваат бебиња. Се разболуваат и поголеми дечиња. И мајки и татковци се разболуваат. Најстрашно од сè е што неколкумина не ја преживеаја болеста, поради што сите останати живеат во страв и паника.

И, при сето ова, некој го поставува прашањето за законитоста на забраната за упис во училиште на деца што не се вакцинирани!? Па, и дебати се водеа по ова прашање. И никој не спомнува дека Уставот на државата предвидува должност за секој граѓанин да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со други зборови, тоа значи – секој родител има должност да го вакцинира своето дете за да може да го запише во училиште! Зашто само така се грижи за здравјето на своето дете и го чува здравјето на учителките, учителите и другите деца со кои детето ќе стапува секојдневно во контакт. Затоа, непотребни се разговори и преговори на тема дали Министерството за здравство има право да пропише обврска за задолжително вакцинирање на сите деца чие спроведување ќе ја реализира Министерството за образование преку забрана на уписот на невакцинирани деца во училиште“-вели Павловска Данева.

Целата колумна овде:

https://nezavisen.mk/vakcini-za-osnovno-a-priemni-za-visoko-obrazovanie/?