Антикорупциска бара итен инспекциски надзор на УКИМ поради сомнеж за судир на интереси во постапката за избор на нов ректор

ДКСК постапувајќи по пријава во врска со функционирањето на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и најавата за отпочнување на постапка за избор на Ректор на универзитетот, спроведе проверка на постапувањата на Ректорот во однос на усогласеноста со Законот за високо образование и со Статутот на УКИМ, како и од аспект на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси дали овие активности лицето, во овој случај Ректорот ги води во ситуација што може да се оквалификува како состојба на судир на интереси заради следниве околности:

  • Ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси;
  • Иако Статутот на УКИМ е донесен во јуни 2019 година, досега не е спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот, ниту пак е дадено право на највозрасниот член на Сенатот да ги врши работите на претседател на Сенат, што е предвидено со член 159 од Статутот.
  • Постапувањата за започнување и за спроведување избор на ректор во вонредна состојба, се спротивни на Уредбата на ВРСМ објавена во Службен весник бр. 76 од 24.03.2020 година, каде се вели дека за време на траењето на вонредната состојба, мандатот на членовите на органите и телата се продолжува до завршувањето на вонредната состојба.

Ова дотолку повеќе што со Статутот на УКИМ, донесен на 28.06.2019 година, попрецизно се уредени постапките за избор на органите и телата на Универзитетот.

Имено, со член 159 од Статутот на УКИМ претседателот на Сенатот се бира од редот на сенаторите, а до неговиот избор, работите од надлежност на претседател на Сенат ги врши највозрасниот присутен член на Сенатот. Актуелниот ректор покрај функцијата ректор, врши улога на претседавач на Сенат, користејќи ги преодните и завршните одредби од новиот закон, во смисла дека ректорите, проректорите … ја вршат својата функција до истекот на нивниот мандат, иако и со Законот за високо образование и Статутот е јасно дека тоа е нова функција.  

Врз основа на утврдените состојби, ДКСК ќе упати барање до Државниот просветен инспекторат за вршење вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на УКИМ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ,  за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности, соопшти Државна комисија за спречувње на корупција.

Тројцаа проректори, но и некои професори од УКИМ веќе упатија отворени писма до јавноста и надлежните институции во кои реагираат за бројни прекршувања на постапката за избор на ректор од актуелниот, Никола Јанкуловски.

Јанкуловски ги отфрли критиките и ги нарече злонамерни и тенденциозни.