Антикорупциска ги одби приговорите на СДСМ

Државната комисија за спречување на корупција на јавна седница едногласно ги одби четирите приговори на СДСМ и на еден граѓанин што се однесуваа на вработувања во Македонски пошти, во Агенцијата за вработување, во Националната установа Театар за деца и младинци и во Министерството за правда.

Антокорупционерите го одбија и приговорот на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, за наводно почнување на градба на детска градинка во Општина Зрновце. Според комисијата сите наводи на подносителите се неосновани зашто јавните институции постапиле законски.

СДСМ поднесе приговори кои се однесуваа на работата на повеќе институции за време на изборен период. Тие го обвинуваа Министерството за правда дека избира нотари, Македонска пошта дека вработува шалтерски работници, а Театарот за деца и младинци дека вработува актери во овој период.

Од наведените институции појасниле дека не го кршат законот и дека пшроцедурите се легални. Министерството за правда сé уште нема донесено решенија за избор на нотари, додека пак од Македонска пошта известиле дека имаат согласност од Министерство за финансии за вработувањата. Од Театарот за деца и младинци известиле дека двајца актери не се примени на работа затоа што од медиумите дознале дека има приговор за тоа, иако појаснуваат дека има обезбедно финансии во тековната година.

СДСМ поднесе приговор и за поставување камен темелник за изградба на детска градинка во село Зерновци за време на избори против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но од ДКСК го одбија приговорот, затоа што од општината ги известиле дека почнати се градежни работи, но камен-темелник не е поставен.