Антонио Гутереш ќе биде новиот Генерален секретар на ООН

Постојаниот претставник на Русија во ООН Виталиј Чуркин објави , пренесуваат руски медиуми, дека сите членки на комитетот за избор на нов Генерален секретар денеска гласале за португалскиот кандидат. Најверојатно утре и официјално ќе биде објавено дека Гутереш ќе биде нов Генерален секретар на ООН.

Од почетокот на јули, советот одржа пет рунди на неформално и анонимно гласање за да го одреди расположението на членките кон 10-те номинирани кандидати.

Во сите пет рунди водеше поранешниот премиер на Португалија, Антонио Гутереш кој беше и на позицијата висок комесар за бегалци на ОН од 2005-та, до декември минатата година.

Во последен момент во трката се вклучи Кристалина Георгиева од Бугарија. Во моментот таа работи во Европската комисија и нејзиното вклучување во трката беше предмет на шпекулации затоа што Софија веќе вети поддршка за Ирина Бокова, која во моментов е на раководната позиција во УНЕСКО.

Бокова на првото неформално гласање го освои третото место, но поддршката за неа опаѓаше во последователните гласања. Бугарија ја повлече поддршката за Бокова, и застана зад Георгиева.

Српскиот кандидат Вук Јеремиќ исто така котираше добро во текот на гласањето, а претпоследниот пат беше втор. Но, денеска стана извесно дека тој нема да ја добие потребната подршка , заради задршката што ја имаат некои членки кон земјата од каде доаѓа, а заради работи од политичкото минато на Србија. Главно, прашањето околу Косово и ставот кон НАТО.

Откако Советот за безбедност ќе се договори за финалниот кандидат, со анонимно гласање треба да се финализира препораката во форма на резолуција.

Резолуцијата ќе биде испратена до 193 членки на Генералното собрание каде треба да биде потврден изборот на советот.

Победникот ќе ја преземе функцијата од Бан Ки Мун на 1-ви јануари, 2017-та година.