Апасиев: Пржинските партии се плашат од Левица

Политичката партија Левица на овие избори настапува со свои кандидати во 5 ИЕ.

Во првата изборна единица носител е Димитар Апасиев, во втората Трајче Стојанов, а во третата Марија Џонс. Четврата изборна единица ја предводи Митко Николов, а петата Здравко Савевски.

Тие се незадоволни од третманот на медиумите кон нив и нивната кампања, која ја водат скромно и неформално. Како што велат самите, на пример на потпишување на Декларација во Холидеј Ин, нивниот претставник дошол со градски автобус, а наокoлу биле паркирани црните лимузини на другите политички лидери, а возачите ги чекале внатре со стартиран мотор.

Носителот во ИЕ 1 Димитар Апасиев напиша на својот ФБ профил дека медиумите веќе не ги викаат на дебати. Ви го пренесуваме неговиот пост во оригинална форма:

 

,,ПРЖИНСКИТЕ ПАРТИИ И’ СЕ ПЛАШАТ НА ЛЕВИЦА! Четири брзи опсервации:

1. Националните медиуми ја бојкотираат и саботираат Левица, не ги викаат во емисии! Сите тие си имаат газди и интереси, и тоа е веројатно паметен потег – замислете Апасиев или Демири ко ќе ги потфатат и ВМРОвци и СДСМовци! Партали ќе летаат. Кога и да викнат некој од Левица на ТВ тоа е сензација – затоа ретко ги гледате на Сител, Топ Тема, Канал 5, 24 вести, МТВ и така натаму. Среќа има интернет – уште неколку плескања како Апасиев против Оливер Андонов или како она на Демири против Нермин Теловска.

2. Дваесет години никој од политичарите не се заложи за сиромашните, обесправените, за обичниот човек. Но подемот на Левица им покажа дека мора едноставно да се зборува за социјални теми! Па сега дури и дотераните нафатирани мамини и татини почнаа да зборуваат за социјална правда, но кога тие тоа го прават изгледа накарадно – по хотели и конференциски центри. Левица тоа го зборува од срце, Левица тоа го живее, Левица таа политика ја гради на улица, можете да пробате да ги имитирате, но имате уште многу за учење.

3. СДСМ извади црвено знаме еј! На протестите им сметаше црвеното знаме, но кога видоа дека пали, пробаа да го имитираат. Ако, добредојдовте назад на правата страна – си ги откривте корењата 🙂 сега уште да ги избркате милионерите од партијата, да ги истерате националистите и верските фанатици од коалиција, и топ сте.

4. Левица е надетничка партија. Не „мултиетничка коалиција,“ туку НАДЕТНИЧКА ПАРТИЈА! За прв пат во историја имаме ЛУЃЕ кои политички настапуваат водени од заедничка идеологија без оглед на различните припадности. Тие се закана и за етнички чистите партии, и за „мултиентичките коалиции.“ Сега некои пробуваат да го копираат тој концепт, но како и се друго, се познава глумата и фејкерството.

Левица е партија за општествени промени, секој глас за Левица на овие избори е важен за иднината на Македонија, и вреди многу повеќе од гласот за било која друга опција!”-ФБ статус на Димитар Апасиев