Апликанти за субвенции за печки на пелети реагираат дека се неосновано одбиени

Не стивнуваат реакциите за последниот оглас за доделување на субвенции за печки на пелети објавен од Министертсво за економија. По вчерашниот текст на АКО.мк, во кој од министерството тврдат дека распределените субвенции се согласно објавените правила и дека се врши проверка на добитниците по случаен избор, со реакција ни се обратија Борис Анчевски од Теарце и Бајрам Амити од село Глоѓи, општина Теарце.

Амити вели дека аплицирал согласно условите, но дека покрај тоа што ги исполнува и аплицирал меѓу првите, одбиен е без образложение. Нема одговор и на неговиот приговор.

И кај Борис Анчевски не е земен предвид еден од условите-прв дојден, прв услужен, иако од неговиот приговор се гледа дека тој аплицирал под реден број 25.

Приговорот на Борис Анчевски остана без одговор од Министерство за економија


Анчевски и Амити се убедени дека сите други услови, како и овој ги исполниле, но сепак се одбиени.

АКО.мк пред две недели објави реакција од апликанти од неколку градови во источна Македонија, кои доставија список на неколку добитници од исти домаќинства, кои според нивните кажувања, добиле субвенции по 500 евра за членови од исти семејства, дури некои и со печки стари неколку години, но со фалсификувани документи.

Од Министерство за економија одговорија дека апликантите изјавите ги доставуваат под целосна материјална и лична одговорност и дека тие вршат контрола во домаќинствата кои добиле субвенции, по случаен избор. 

На последниот оглас на Министерство за економија за субвенции на печки за пелети, право на учество  имаа купувачите на печки  во своите домови од 01.09.2018 до 12.12.2018 г.  кои ќе приложат фискална сметка или фактура со извод од деловна банка. Условите во огласот предвидуваат едно лице да не може два пати да конкурира, а од документи се бараа фискална сметка и потврда кога е купена печката. Принципот за добивање субвенција беше прв дојден, прв услужен. На 28 декември беше објавена листата на добитници. Според списокот 209 лица добиле субвенции кои се движат најмалку од 50 проценти од вредноста на печката, најмногу до 500 евра.

АКО.мк