Бројката на жртви по експлозијата во пристаништето во главниот град на Либан, се зголеми на 78, а над 4.000 луѓе се повредени.

Либанскиот претседател, Мишел Аун, изјави дека експлодирале 2.750 тони амониум нитрат оставени повеќе од шест години во еден склад без никакво обезбедување и надзор.

Предизвикана е огромна материјална штета во радиус од десетици километри, а ударот на експлозијата бил толку силен што наликувал на земјотрес што се почувствувал во Кипар одалечен 240 километри од местото на инцидентот.

Пристаништето е целосно срамнето со земја.

Но ова не е конечната бројка на загинати и повредени.

Исчезнати се стотици луѓе по кои се трага. Уништени се цели станбени блокови, населби, трговски центри…

Повреден е персоналот во германската амбасада која се наоѓа во околината на пристаништето.

Владата ќе истражува кој го оставил амониум нитратот во складиштето во пристаништето и чија негрижа предизвика апокалипса во Бејрут.