Артан Груби бара објаснување од Финансиска полиција за акцијата во Љуботен

Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, на социјалните мрежи побара објаснување од Финансиска полиција за акцијата за заплена на тутун во скопското село Љуботен:

,,Финансиската полиција треба да објасни и оправда врз основа на која проценка имаше потреба од толку големо и сериозно присуство на полицијата во Љуботен.

Артан Груби

Спектаклите и демонстрацијата на сила се често непотребни и контраефективни дури и во случаи кога постои сомнеж за злоупотреба која што треба да се санционира пропорционално доколку се утврди“-пишува Груби.

Во текот на денот се одржа опсежна полициска акција на барање на Финансиска полиција за заплена на шверцуван тутун во селото Љуботен каде живее население од албанска етничка заедница.

Алијанса на Албанци пак, акцијата ја оцени ,,како последен обид за иселување на Албанците од нивните огништа“.

Инаку, директор на Финансиска полиција е Арафат Муареми, кој покажа посветеност за справување со секаков вид финансиски криминал.

Арафат Муареми

Тој на ова место доаѓа од редовите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде беше дел од тимот истражители.