,,Археологија на зборовите“-белградска ,,Политика“ за стихозбирката ,,Цедена“ од Ристо Лазаров

Во угледниот саботен додаток за култура и уметност бо белградска ,,Полтика“, денеска е објавен приказ на есеистот и критичар Никола Вуколиќ за книгата ,,Цедена” од македонскиот поет Ристо Лазаров што деновиве беше објавена на српски јазик.

Во приказот под наслов ,,Археологијата на зборовите”, Вуколиќ оценува дека книгата ,,Цедена” е тематски и проблемски разноврсна, стилски и јазички врамнотежена, поетички и филозофски втемелена. Она што во песните на Лазаров посебно импонира – пишува Вуколиќ – е тезата дека зборовите се од светлосно потекло, така што нивната смисла не е во тоа да значат, туку да осветлуваат.

Но, не поради тоа што со светлината ги нарекуваме нивните надворешни манифестации, нивните значења или звучења или што било слично на тоа. Не поради тоа. Туку поради тоа што нивното постоење е светлосно. Светлината во нив е поречита од зборовите. Затоа да се пее и да се осветлува е едно исто. Тогаш така и поетот Ристо Лазаров во песната ,,Од дома до работа” може да пее, вака, експлицитно и недвосмислено:

,,Сега секое утро гледам/(признавам, понекогаш со насолзени очи)/оти бивало од песната сонце да тече.”

Вуколиќ посебно ја анализира песната ,,Запад“, наведувајќи ги стиховите ,,молњата е постоење”, таа светлина на светлината, подвлекувајќи го и стихот дека ,,и песната е постоење.” и ,,зборовите во песните се/набрекнати од молњи.“

На тој начин, заклучува Вуколиќ, Ристо Лазаров речиси експлицитно во збирката песни ,,Цедена” говори за својата поетика, заснована и исцедена од длабоките поетски и филозофски темели на модерната европска поезија, како и од древната, античка поетска традицијја и филозофија.