Барањата на СЈО на седница на Собрание

На седница на Собрание на РМ, пратениците ќе ги разгледуваат предлог измените на законите за Специјалното јавно обвинителство и за заштитените сведоци, поднесени од пратеничката група на СДСМ.

,,ДУИ нема никаков проблем да поддржи иницијатива не само на Катица Јанева, туку на било кој, што би значело подобрување на ситуациите и расветлување на дилемите во случаите на СЈО“, изјави минатата недела координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева минатата недела пред Комисијата за политички систем, изнесе три барања кои според неа ќе ја олеснат работата на Обвинителството.

Јанева побара измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство односно на член 22 и да се пролонгира рокот од 18 месеци за да може до крај да се истражи кој незаконски прислушувал.

Таа исто така повтори дека се потребни измени на Законот за заштита на сведоци, како и имплементација на препораките на Венецијанската комисија.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски пак, изјави дека барањата на Јанева се неуставни и се надвор од она што е договорено при формирањето на Обвинителството.