Ова е зградата на МЕПСО пред да ја добие барокната обланда по налог на Никола Груевски.

Оригиналната зграда на МЕПСО

Ова е зградата на МЕПСО за време на пресоблекувањето со гипс картон.

Зградата на МЕПСО добива барокна обвивка

А ова е зградата на МЕПСО облечена во барок капут вреден 11 милиони евра!

Насилнички уништеното модерно архитектонско здание

Тогашното раководство на МЕПСО предводено од директорот Синиша Спасов, во 2013 година упати официјално барање до градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и до Советот да дозволат измена на фасадата на седиштето на оваа компанија, а исто така и за обнова на внатрешноста.

Во дописот објаснуваше дека со новата надворешност објектот ќе добие репрезентативност, усогласување со контекстот, како и подобрување на енергетската ефикасност. Воедно и ќе се заштеди на давачките за неговото одржување.

Синиша Спасов, поранешен директор на МЕПСО

За остварувањето на овој проект беа издвоени финансиски средства во висина од над 650 милиони денари, односно над 10,5 милиони евра буџетски пари.

На Советот на Општина Центар дојде до кавга меѓу советниците и очекувано, без поддршка на советниците од СДСМ, кои тогаш беа опозиција, советниците на ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Владимир Тодоровиќ, го прифатија барањето на компанијата новиот лик на зградата и формално да влезе во соодветната општинска програма која ги третира фасадите.

Од СДСМ рекоа дека не се согласуваат со идејата, бидејќи и овој објект неоправдано ќе го смени ликот. Нивните коментари за случајот, и ставовите генерално за интензивната урбанизација на Скопје предизвикаа бурна дискусија меѓу советниците.

„И со овој објект, очигледно, ќе се задоволат парцијални интереси. Се прифаќа барок под закрила на енергетска ефикасност“, рече меѓу другото Јован Тагасовски, координатор на СДСМ во Советот на Општина Центар во 2013 година.

Наведувајќи и други објекти што веќе се градат или се реконструираат во стилот на градбите од „Скопје 2014“, Тагасовски посочи дека целиот проект од Скопје направил Холивуд. „Ние сме во 21 век, а градиме барок, ни се смеат“-рече тогаш Тагасовски…

Градежната фирма „Бетон“ од Штип ја доби работата за новата класицистичка фасада на административно–деловното здание на оваа државна компанија вредна дури 11 милиони евра.

По 6 години од нејзиното завршување, ветерот ја соголе целата измама околу барокната гипсена фасада на МЕПСО.

Јавно обвинителство објави дека поведува истрага за целиот случај.

АКО.мк(Е.Л.)