БЕЗОЧНО БЕЗОБРАЗИЕ

Пишува:проф-др Катерина Тодороска

 

Мојата професионална преокупација се однесува на проучување на македонско-албанските врски од средината на 19. век до денес. За да можете да пишувате за таа тема, пред сè, треба солидно да сте потковани за историјата на македонскиот народ, историјата на албанскиот народ, како и меѓународната констелација во дадениот период. Во долгогодишната работа на оваа тема, паралелно со магистрирањето и докторирањето, ги објавував и трудовите со цел македонската јавност да биде запознаена со заедничката соработка на Македонците и Албанците. Потоа ги објавив и документите кои ги користев во сите мои трудови (монографии, статии, соопштенија и др.) и така, досега се нанижаа 14 книги, не бројам учества на меѓународни конференции, собири, промоции, меѓународни проекти.  Напомнувам дека ниту еден труд не ми е преведен на албански, ниту на англиски јазик. Финансии, ништо друго.

За оние кои не ја следат оваа проблематика, ќе кажам дека гласност на оваа тема не им одговараше на политичките „елити“, бидејќи користењето на ГОЛЕМИОТ ПАТРИОТИЗАМ во правец на одржување на тензијата, а со тоа и власта, беше од непроценлива важност.

За тоа, најдобар доказ беше првото интервју кое го направивме со Емилија Лазаревска. Тогаш, како млади, и времето покажа, многу неискусни, направивме едно интервју во врска со Призренската лига, дилемите околу нејзиното основање, постоење, цели…. Интервјуто ДЕБЕЛО го плативме и таа и јас. Нејсе, многу и научивме.

Ќе помислите дека, писаниево ми се однесува на лицемерието кое денес го гледам во Македонија на тема македонско-албанска соработка. Не.

За да избегам од тоа лицемерие ќе проговорам за безочното безобразие на ДПМНЕ кон Македонците во Албанија, САМО преку  еден мој пример. За другите, во друга прилика.

Проектот „Македонците во Албанија“ си го зададов во текот на 1994 година, кога за прв пат отидов во Република Албанија, на истражувачки престој во Тирана. Истражував во Централниот државен архив, во Националната библиотека, како и во Архивот на Институтот за историја (тогаш) при Албанската академија на науките.

Во тоа време, секој слободен час го минував во Македонската амбасада, каде амбасадор беше г-дин Никола Тодорчевски, кој, заедно со неговите соработници, беше најзаслужниот човек за добивањето на првични, бројни и драгоцени информации за животот на македонското население во Р. Албанија. При престојот во Амбасадата, исто така, имав прилика да се сретнам со Македонци, кои беа дошле од сите страни на албанската држава, со цел да добијат виза за да ги посетат своите роднини во Р. Македонија. Слушајќи како чисто и автентично го говорат македонскиот јазик, бев воодушевена од идејата да се направат записи од бројните архаични зборови кои ги користеа Македонците, и покрај тоа што 50-тина години биле затворени во енверовата држава без можност за комуникација со своите роднини во Македонија.

Со тогашниот дописник на „Нова Македонија“ од Тирана, г-дин Панта Џамбазоски разговаравме за собирање автентични официјални и лични документи, сеќавања, лични предмети од македонското население во Албанија за периодот после Втората светска војна. Ценевме дека подоцна, сите тие би биле непресушен извор за историска, културна и етнолошка обработка во институциите во Р. Македонија.

Сепак, крајно ограничените средства со кои располагавме, не ни дозволуваа толкава акција. Така, оваа идеја остана да се реализира во некои подобри времиња.

Продолжив со собирање литература за прашањето на македонското малцинство во Албанија. Читајќи ја посветата во книгата на Драгољуб К. Будимовски, „Македонците во Албанија“, која гласеше „Книгава ја осветлува сегашната положба на македонското национално малцинство во Албанија, давајќи им поттик на заинтересираните за натамошни подлабоки истражувања и проучувања на минатото и сегашноста на овој дел од македонското битие. Книгава ја посветувам на Македонците кои ги оставија своите животи во Енверхоџините затвори и концентрациони логори на современа Албанија“, стана јасно дека нема назад.

Во 2003 година повторно го актуелизиравме реализирањето на еден серијал од пет емисии за Македонците во Албанија. За тоа разговаравме со г-динот Мирче Адамчески, тогашен претседател на Советот за радиодифузија, како и други вработени, кои ја поддржаа нашата идеја. Во текот на нашите средби и снимања низ селата и градовите на Р. Албанија, бевме придружувани од г-дин Иљо Богдановски и од г-дин Маноиљ Богдановски. При снимањата на виделина излегоа повеќе проблеми, но за нас, значајно беше тоа што имавме многу повеќе материјал за обработка отколку што првично мислевме. Најголем проблем стана селекцијата, што и колку да се снима. Не сакајќи да ја испуштиме можноста да ја регистрираме спецификата на македонскиот говор, песна, носија, црквите и сѐ друго, решивме да снимиме сѐ додека имаме време. Богата документација за Македонците во Албанија, а особено во Преспа,  добивме и од нашиот домаќин во Преспа, г-динот Едмонд Темелко.

Од снимениот материјал, со тешка душа измонтиравме само пет емисии, а другиот материјал остана за во иднина. Овие пет емисии првично се прикажуваа на ТЕЛМА, благодарение на проценката која ја направија тогашниот директор г-дин Ристо Лазаров и главниот и одговорен уредник, Емиија Лазаревска. Потоа, беа преземени и од други телевизиски куќи.

Во меѓувреме, состојбите со Македонците во Албанија станаа мошне интересни и за културните, а уште повеќе за политичките личности од Македонија. Сепак, интересот беше еднократен или многу кус. Затоа пак, бугарската политика изгради цел систем за преобратување на Македонците во Албанија во Бугари, кој не е прифатен од македонското население. Нешто што денес ги покажува првите резултати.

При обработувањето на материјалот, сфативме дека имаме одредени празнини кои сепак ќе треба да се дополнат со документација која можеме да ја најдеме само на лице место, во македонските домови во Р. Албанија. За таа цел се обидовме да добиеме средства за неколку идни истражувања, што ни успеа во 2010 год. кога со проекти за Македонците во Албанија конкуриравме во Министерството за култура на РМ и во Министерството за образование и наука. Со крајно лимитираните средства од Министерството за култура на РМ направивме повеќе истражувања и успеавме да дојдеме до драгоцени лични документи, кои го потврдуваат кажаното од нашите информатори.

На конкурсот во Министерството за образование и наука (МОН) го предложив проектот и откако ги помина сите филтри, добив Договор во кој беше наведено дека последен рок за изготвување на проектот „Македонците во Албанија 1912-1991“ е 30 септември 2012 година. Како и во сите други случаи, МОН „немаше“ пари, па целата работа ја завршив со помош на многумина соработници, чија работа требаше да се плати по добивањето на средствата од МОН. Работевме посветено, собравме многу лични материјали од македонски семејства, документација која само можевме да ја посакуваме. И НАВРЕМЕ го завршив проектот, го предадов и во МОН и во Институт за национална историја. Но, завршувањето на пишаниот текст за проектот „Македонците во Албанија 1912-1991“ во 2012 година, сепак не значеше и негово објавување бидејќи, МОН не ги исплаќаше средствата за проектот. Со цел да се реши проблемот, писмено се обратив до тогашниот министер во МОН, Панче Кралев кој не ме удостои одговор. Својствено на ДПМНЕ-овскиот  однос „јас сум газда“, беше и однесувањето и на новодојдениот министер Спиро Ристовски. Нему, во 2015 година и лично подарив еден примерок од книгата. Но, ветувањето дека ќе се заинтересира за случјот и ќе ме информира, траеше додека не ја напуштив неговата канцеларија. Типично.

Но, мојата обврска кон сите мои пријатели и соработници остана. Морав да го објавам проектот кој толку темелно заедно го работевме, а кон тоа и да си ги платам долговите кон сите нив. И кој кому, ако не свој на својот. Мојот сопруг е сопственик на издавачката куќа „МЕНОРА“. Секако, не е по мерка на ДПМНЕ. Но, затоа пак, точно знаеше низ што сè поминавме за да собереме материјали и да се склопи монографијата со исклучителна содржина и важност за историјата на Македонците во Албанија. Кон книгата има и додаток CD со петте емисии од серијалот „Македонците во Албанија“.

После отпечатувањето на книгата, имав голема желба истата да ја промовирам во Тирана на 23 октомври 2013 година. Идејата беше да се соберат Македонците од Албанија на Денот на македонската борба во Македонската амбасада. За таа цел, писмено се обративме во Министерството за надворешни работи на РМ, а во него наведовме дека целиот трошок за промоцијата го сносиме ние. Но, и после три седмици не добивме одговор, што не беше ништо ново за нас. На нашето јавување во врска со одговор на прашањето за промоција на книгата, ни беше одговорено (не напишано) дека „амбасадорот не може да го најде клучот од салата во Амбасадата“. Така, промоцијата во Тирана ја организираше претседателот на Македонското друштво „Илинден“, г-динот Никола Ѓурѓај и тоа во кафеаната на Незир Меча, Македонец во срж. Промотор беше мојот почитуван пријател, Едмонд Темелко, а присуствуваа моите драги пријатели и дологодишни соработници, нивни внуци, пријатели. Но, за да биде случката зачинета до крај, на промоцијата се појави и амбасадорот Карајанов.

Напомнувам дека сите трошоци околу промоцијата ги плативме сами. Но, македонската држава преку МНР, се појави со барање за примерок од книгата веднаш по моето враќање од Албанија. На средбата го искажав мојот револт од нивниот однос во врска со оневозможување на промоцијата во Амбасадата, на што ми беше одговорено дека „издавачот не бил популарен“. А бидејќи издавачот не е популарен полтрон, македонската држава не дозволи да биде најден клучот од салата во македонската амбасада во Тирана. Заклучокот е ваш.

Но, приказната не завршува тука.

Во меѓувреме, поред сè, поради незаинтересираноста на МОН, но и на правникот и директорот на Институтот за национална историја да го покренат прашањето за исплаќање на средствата за проектот, јас поднесов тужба против МОН и ИНИ. Првиот пат, во Основниот суд Скопје 2 го добив случајот, но затоа пак од Апелациониот суд беше вратен на првостепено разгледување со небулозни констатации. И вториот пат, во Основниот суд Скопје 2 го добив случајот, но случајот со месеци не стигнуваше на Апелација. И после неколкумесечно чекање предметот го помина патот од 100-тина метри оддалеченост од Основен 2-ка до Апелација, па сега се чека пресудата од таму за тоа дали јас требало да го исполнам Договорот кој го имам потпишано со МОН или не.

И целата оваа голгота трае со години, а се однесува на историјатот, на корените, на спомените, на ВИСТИНАТА за Македонците во Албанија. Тоа се истите оние Македонци кои некои лежачи во фотељи ги исмеваа како „човечиња кои се држат за раче“. Е, заради тие бедни души, многупати имам напишано. Тие „човечиња“ се МАКЕДОНЦИ, а вие ДПМНЕ-овци не можете ни нозе да им миете, ни вода да им пиете во однос на ПАТРИОТИЗМОТ и ЧИСТОТИЈАТА НА ДУШАТА.

Верувам во моќта на македонските жители да се изборат со „профитерите“ и да стават крај на нечиј богат живот врз база на римската „раздели па владеј“.  Истите оние жители, кои јас никогаш не сум и нема да ги делам, на овие и оние, ваши и наши, мои и твои, бидејќи на тој начин само ги навредувам. Сепак, имам свој критериум според кој ги делам на човекољубиви животворци и БЕЗОЧНИ БЕЗОБРАЗНИЦИ.

 

(на фотографијата од лево Едмонд Темелко, Катерина Тодороска, Никола Ѓурѓај-промоција на книгата Македонците во Албанија(1912-1991),октомври 2013,Тирана)