Без ,,домашна” музика на медиумите

Од денеска на македонските радио и телевизиски станици не може да се слушне македонска и српска музика. ЗАМП забрани емитување на песни од домашни автори заради несогласувањето со медиумите околу плаќањата на тантиемите, односно износот за авторски права за секоја емитувана нумера во етер.

На оваа одлука се придружи и СОКОЈ, авторската агенција од Србија, која информираше дека тие ги штитат правата на своите членови и бараат повисоки тантиеми за српските автори.

Викендов нема да се одржи ниту Фолк фест Валандово, кој стандардно секоја година директно се пренесува на МТВ.

Електронските медиуми најавуваат тужби за ЗАМП и бараат Министертво за култура да им ја одземе лиценцата за работа.

Неколку скопски радио станица реагираа со писмо до ЗАМП во кое се вели дека забрана за емитување македонска музика и македонски автори е донесена на штета на повеќе правни субјекти кои во изминатите години граделе коректен и професионален однос кон оваа агенција која ги регулира авторските права.

,,Вие со вашата некоректна одлука не сте ги зеле предвид финансиските и други загуби на овој тип на медиуми, за жал гледајќи единствено вашите интереси, сте се воделе од фактот дека нема што да изгубите, бидејќи вие го добивате процентот од 2 до 4 проценти од бруто-приходот на секој медиум,, – се вели во нивната реакција.

Радијата бараат разумен рок за прилагодување на нивната програма кон оваа одлука.

Не е дозволено емитување на српска и македонска музика во ресторани, ниту пак на свадбени прослави!