„Аргументите што на петочниот состанок во Приштина му ги презентирав на мојот колега, министерот за трговија и индустрија Бајрам Хасани, а во врска со Одлуката на косовското Министерство за трговија и индустрија од 18.07.2018 година, со која се воведоа царини од 30% за увоз на овошје и зеленчук на вкупно 21 производ, на мое големо задоволство вродија со плод и штотуку добив информација дека мерката е укината“, соопшти на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој потсети дека по писмената реакција и по најавата за состанокот во Белград следеше измена во Одлуката од косовска страна, со која што мерката остана да важи за 7 производи, и тоа домати, пиперки, јаболка, грозје, круши, сливи и малини.

„Оваа одлука не ни одговараше нам, т.е. на нашите земјоделски производители, бидејќи станува збор за сезонски производи и на нив отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар. Токму тоа му го предочив на министерот Хасани, истакнувајќи ги загубите на бизнис заедницата, кои се на двете страни огромни.  Посебно ми е драго што наидов на разбирање од косовската страна и што, нашата средба вроди со плод, па како што ми беше ветено, на првата седница на Влада нашите аргументи беа презентирани и земени предвид“, рече Бектеши.

Бектеши упати благодарност до косовската страна и порача дека дијалогот е начин за решавање на проблемите, а Македонија е земја која иницира и поддржува и меѓусоседска и регионална соработка и работи континуирано на олеснување на трговијата со стоки, во интерес на бизнис заедницата, усогласување на пазарите на ЦЕФТА со ЕУ и создавање на регион без нетарифни бариери и мерки што ја попречуваат трговијата.

„Така се поставивме и пред овој проблем и се покажа дека ова е вистинското решение, во интерес на продлабочување на трговската соработка и унапредување на економијата, воопшто“, потенцираше Бектеши.